Битолчани сами си ги бојат бледите пешачки премини пред училиштата

Членови на планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ утрово со бела боја ги обоија избледените пешачките премини кои водат до основното училиште „Гоце Делчев“ во Битола, најавувајќи дека ваквите акции ќе ги продолжат и пред другите битолски училишта каде пешачките премини се во „катастрофална состојба“.

Планинарите летово собираа донации за да започнат да го обновуваат изгорениот планинарски дом „Копанки“ на Пелистер, но информираат дека поради опструкции со кои се соочуваат дел од донираните средства ги насочиле во оваа акција за освежување на пешачките премини во Битола.

„Поради опструкциите што ги трпиме при обновата на планинарскиот дом „Копанки“, спречени сме интензивно и секојдневно да работиме врз неговата санација. Затоа, дел од нашето време и од донираните пари, одлучивме да ги ставиме пак во служба на граѓаните, но овојпат во функција на безбедноста на нашите деца. Во пресрет на новата учебна година, одвојуваме дел од донираните средства и планираме да ги обележиме пешачките премини пред битолските училишта кои се во катастрофална состојба (дали само тие?!)“, напишаа од Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“ на Фејсбук.