Градоначалничката Арсовска нападната во Чаир

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска била нападната во скопската општина Чаир, потврди Министерството за внатрешни работи (МВР).

„На 11.07.2025 во 12:15 часот од страна на А. Ј. во СВР Скопје пријавено е дека при извршување работни задачи на улица ‘Кумбара’ физички била нападната градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и дека повеќе лица ѝ упатувале вербални закани. Истата не сакала да поднесе пријава за настанот по што се упатила во Градската општа болница ГОБ ‘8 Септември’ за укажување лекарска помош“, соопшти МВР.

За случајот досега за sdk.mk потврдија од ГОБ „8 Септември“, каде билa примена во Ургентниот центар со контузии од удирање со клоци и тупаници. Прегледана била од специјалисти.

Од Кабинетот на Арсовска исто така потврдија дека Арсовска ѝ се укажува помош, а била била нападната од 30 луѓе, додека била на увид на дивоградба на Бит Пазар спроти Полициската станица Чаир. Според вработени во Град Скопје, нападот се случил пред полициска станица, а станувало збор за дивоградба која неколку пати била пријавувана кај надлежните институции, пренесува sdk.mk.

Наскоро е најавена и официјална изјава од Арсовска, откако ќе излезе од Ургентниот центар.

Нападот се случува откако таа на 31 мај достави документи за незаконски легализации на дивоградби во Обвинителството, а на 27 јуни до до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) достави докази за нови, како што рече, криминални легализации од градоначалникот Висар Ганиу.