Град Скопје со видео докажува дека утрово е прскано против комарци

Град Скопје во своето соопштение до медиумите, за најавеното прскање против комарци, вклучи и видео како потврда дека навистина утрово службите биле на терен.

„Денеска почна третото продолжено и засилено прскање против комарци во Скопје. Заради зголемените врнежи во изминатиот период се создаде поволна клима за брзо размножување на комарците, па Град Скопје одлучи третото прскање наместо два дена да трае 4 дена со што се зголемува интензитетот на заштита“, најавија од Градот.

Третото авионско прскање против возрасни форми на комарци, како што е наведено во соопштението, е направено во раните утрински часови, а ќе се одвива и во наредните три дена, односно до 13 август (понеделник). Потоа, прскањето ќе продолжи од земја и ќе се одвива во деновите од 13 август до 17 август (од понеделник до петок), во период од 23 до 04 часот, наредниот ден.

Од утре ново прскање против комарци, скопјани испокасани

По ова продолжено и засилено прскање Град Скопје најави уште уште две прскања против комарци што се планирани кон крајот на август и на почетокот на септември.

*Дополнето: Град Скопје во ново соопштение попладнево појасни дека видеото сепак не било направено утрово, туку пред неколку дена. Сепак, и во новото соопштение тврдат дека навистина утрово се прскало, но не приложуваат видео доказ.

„Ја увидовме грешката што ја ни ја посочија дел од вашите колеги новинари, односно сме објавиле видео за почетокот на третото прскање против комарци со авион, а кое што е од почетокот на минатиот месец, односно од второто прскање. Очекуваме ново видео за прскањето против комарци кое ќе се направи утре, и истото ќе Ви го доставиме“, стои во нивното појаснување.