Од утре ново прскање против комарци, скопјани испокасани

Скопјани сведочат наезда на комарци во градот, градските власти се правдаат дека редовно се прска против комарците.

Како што изјави портпаролот на Град Скопје, Валон Салиху, граѓаните биле збунети.

„Деновиве гледам дека голем број од граѓаните не се соодветно информирани во врска со активностите кои ги има спроведено градот во врска со прскањето против комарци. Процедурите и користеното средство се тие истите како и до сега. Новитет ова година се авионите кои не бучат како тие претходните, и претпоставувам дека тука е и збунката зошто луѓето мислат дека не се прска“, вели Салиху.

Од утре е најавена третата фаза од авионската и терестричната дезинсекција, против возрасни форми на комарци. Авионската ќе трае 4 дена, до понеделник, а ќе се прави во раните утрински часови. Дезинсекцијата од земја (терестричната) пак треба да се прави од понеделник  до петок, меѓу 23 и 04 часот.

Во меѓувреме луѓето се револтирани од наездата на комарци во Скопје.

„Вчера се шетав со жена ми во Аеродром и целиот сум искасан од комарци. Одамна не сум видел толку комарци во Скопје, или поради тоа што не е прскано како што треба, или поради некој природен феномен. Не верувам дека е второто“, вели жител во Скопје.

„Неподносливо е. Целото тело ми е со осип. Постојано се мачкам со средства, но комарците касаат и преку облека. Планира Град Скопје да пушта субвенции и за средства против комарци?“, револтирано прашува анкетирана.

Град Скопје доцнеше со прскање против комарците годинава бидејќи, како што информираа од кабинетот на градоначалникот,  испитувале дали средството кое се користи е штетно. Прскањето против комарци Градот го почнува на почетокот на јуни. Годинава почна да се прска од јули, доцнеше тендерот и имаше дождливо време.

Институт за јавно здравје