Град Скопје се пофали со интензивни градежни активности во тек на полицискиот викенд

Град Скопје соопшти дека викендов реализираше интензивни градежни активности за реконструкција и проширување на фреквентните градски улици и булевари, на инфраструктурата во комплексот на Клинички центар, но и на изградбата на новиот булевар во Бутел, мостот на Вардар во Аеродром и кружниот тек во Чаир.

Од Градот соопштија дека со засилено темпо и ноќно работење се реконструира и проширува булеварот Никола Карев (Пластичарска), а викендов се врши финално асфалтирање на сообраќајницата.  Се асфалтира и новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ во општина Бутел, а викендов интензивно се работеше и на реконструкција на улицата „Индира Ганди“ во општина Шуто Оризари како и изградба на кружниот тек во Чаир.

Викендов, се работеше на завршување на новата пристапна улица до Инфективната клиника.  Градежните активности продолжуваат и на булеварот АСНОМ, каде се гради нов мост на Вардар. Од Градот велат дека и во наредниот период ќе продолжат со интензивни градежни активности.

Викендов беше прогласен 61-часовен полициски час, кој почна од  во петок во 16 часот, а ќе заврши во понеделник, во 5 часот наутро. За време на полицискиот час е забрането излегување од дома за сите, освен за граѓани кои имат посебни дозволи, пријавуваат кривично дело или пак во одреден период излегуваат со лица со посебни потреби или да ги прошетаат домашни миленичиња. Полицискиот час го воведе Владата, со цел да се спречи ширењето на новиот коронавирус во земјава.