Иницијативата на НаТочак реагира на прекинот на вело-патеката на кеј, во непосредна близина на салата „Јане Сандански“ во Аеродром, откако пред неколу дена целиот простор беше ограден за почеток на изградба на нов мост кој треба да го поврзе Аеродром со населбара Керамицница, во Општина Гази Баба.
Од иницијативата наведуваат дека Град Скопје, кој стои зад проектот, со овој чин покажал непочитување на точка 2.1.4 од Планот за унапредување на велосипедски сообраќај кој Советот на Градот го усвои во септември минатата година, при изведување на градежните работи за мостот на булевар АСНОМ. Точката гласи: Воведување на обврска за задолжително обезбедување на алтернативни површини за пешачење и возење на велосипед при изведување на градежни работи на пешачки и велосипедски површини.
„Бараме според зацртаните планови на Градот, во овој и во сите идни проекти, да не смеат да се прекинат велосипедски патеки, да не смеат да започнат градежни работи од изведувачите додека навремено не се обезбеди известување со соодветна сигнализација за насоки на движење, како и изведено безбедно заобиколување“, стои во дописот на иницијативата до Градот.
Од НаТочак бараат додека се уште не се започнати градежните работи, да се тргнат тарабите до моментот на обезбедување рампи и безбедно и означено заобиколување за велосипеди и пешаци.
„Доколку се започнати градежните работи, бараме итно делување со поставување рампи за туркање на велосипеди и соодветна привремена сигнализација и насочување, а во догледно време (наредниве месеци) и подобро пофункционално решение со возливи рампи, бидејќи велосипедскиот сообраќај и кејот не смеат да страдаат во наредните години додека се вршат градежните работи како што беше случајот (и се уште е) со прекинот кој го направи мостот за Панорамското тркало и сите останати мостови во проектот Скопје 2014“, додаваат од иницијативата.
Од групата потсетуваат дека и во време кога е неопходна социјална дистанца поради коронавирусот, има луѓе кои мора да отидат на работа и во овој период, а со тоа што користат точак ослободуваат и место во јавниот превоз.