Град Скопје: Пристапната улица на кејот на Вардар ја гради приватен инвеститор

Градот Скопје со соопштение до јавноста тврди дека не ја гради пристапна улица со посебен сообраќаен режим на Кеј 13 Ноември.

„На посочениот простор треба да се изгради пристапна улица од страна на приватен инвеститор кој склучил договор со Градот Скопје, уште во времето кога градоначалник бил Трифун Костовски. Со овој договор е утврдено дека приватниот инвеститорот треба да изгради пристапен пат до истиот. Локацијата и формата на овој пристапен пат е предвиден со Детален урбанистички план донесен од Општина Центар во 2012 година и со одобрен инфраструктурен проект“, реагираат од Градот.

Доколку се излегува надвор од прописите, велат од таму, Градот Скопје не е надлежен да интервенира бидејќи градежната инспекција е во надлежност на Општина Центар.

Инаку, ваквата реакција доаѓа откако од утрово се проширија информации дека продолжуваат активности за спорната улица на кејот на Вардар, а општина Центар прво информираше дека испратила инспектори на терен, а потоа со соопштение тврдеше дека улицата крај Вардар нема да се гради.