Нова сага со изградба на улицата врз некогашното шеталиште покрај Вардар

На Кејот на Вардар од утрово повторно се забележуваат активности за продолжување на изградбата на спорната улица, за која општина Центар и Град Скопје водеа мини војна околу надлежностите и потребата за нејзина реализација, а против изградбата реагираа и локални угостители.

Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски потврди дека има нов обид за изградба на улицата која ја карактеризира „бесмислена“. Овластениот градежен инспектор на Општина Центар утрово се упатил на лице место.

„По веќе добро познатото сценарио, избран е ден недела, пред празник, продолжен викенд, рано наутро, кога сите спијат. Убеден сум дека сето ова е осмислено и организирано со цел да се дефокусира јавноста од немилите настани и дивеењето на насилниците во Собранието на Република Македонија. Истите луѓе и понатаму посакуваат инциденти и судири. Во контакт сум со сопствениците на угостителските локали на Кејот, се очекува и нивната реакција“, објави Жерновски преку Фејсбук, заедно со фотографија од локацијата меѓу ГТЦ и коритото на Вардар.

На последните случувања реагира и иницијативата „Да го спасиме шеталиштето на кејот на Скопје“. Од таму сметаат дека се работи за скандал, бидејќи, како што велат, утрово на кејот во 4 часот, среде ноќ „се истовариле работници на Коце Трајановски и Алек Теранова насилно и без дозвола да ја прават улицата и да го уништат градското шеталиште“.

„За 3.200.000 евра кои Коце и Алек треба да ги поделат од Т-Мобиле ќе биде уништен градскиот кеј! Додека цел народ е во невиден грч од настаните во собранието оваа банда не застанува и повторно насилнички урива на градскиот кеј! Бараме итна помош од сите институции, од Општина Центар, од сите политичари , од сите новинари да реагираат, да најдат начин да го сопрат ова уништување!“, соопштува иницијативата.

Од Град Скопје на неколку пати повторуваа дека имаат законска обврска да издадат согласност за улицата. Тврдат дека ваквата должност ја имаат откако претходно, во времето на претходното раководство на Центар, таа била донесена од општината и предвидена со Детален урбанистички план. Според градските власти, таа не е сообраќајна, туку пристапна улица која ја гради приватен инвеститор.

Центар, пак, на неколку пати негодуваше и се противеше на идејата за изградба, а на 20 март беше изгласана одлука за изглед на градба, пешачки улици и патека на улица „Кеј 13-ти Ноември“, на потегот од улица „Филип Втори Македонски“ до објектот на Телеком. Ова значеше дека на кејот наместо улица, треба да има клупи, чешми и жардинери со дрвја. Одлуката во Советот со аплауз ја поздравија и сопственици на објектите на кејот на Вардар.

Два дена потоа, на 22 март, мнозинството советници гласаше „за“ поништување на 4 урбанистички плана во централното градско подрачје: Голем Ринг – Јужен дел – Запад, Централно зеленило покрај река Вардар – Јужен дел, Централно градско подрачје – Мал Ринг и Голем ринг – Јужен дел – Исток.

Оваа одлука на Советот низ јавноста беше различно интерпретирана и пренесена. Не беше комплетно допрецизирано, односно не беше докрај јасно дали ова значи дека во центарот на Скопје се блокира градбата на „Шпанските скали“, сервисната улица по кејот на Вардар, катната гаража спроти Музеј на Град Скопје и на други локации на кои се уште не е започната градба.

На почетокот на април, Макфакс објави дека некогашното атрактивно шеталиште од „Холидеј Ин“ до плоштадот Македонија може да биде следната „жртва“, следната урбана отстапка кон интересите на политичките и бизнис елити. Односно, напишаа дека власта преку уништување на ова парче сака да му овозможи на бизнис-соработникот Александар Ивановски да се стекне со милионска сума која треба да ја наплати од Телеком откако ќе биде отворена улицата.

Инаку, инвеститорот „Дивелоп груп“ имаше обврска да изгради подземна сообраќајница, тоа беше своевиден услов за изградба на новиот објект на Телеком, но во 2012 со промена на ДУП Мал Ринг, улицата стана надземна. Потоа, поради градежните зафати за потребите на „Скопје 2014“ на кејот, по неа мораа истовремено да се движат и пешаци, луѓе на ролери, велосипедисти, а почнаа да минуваат и да се паркираат и мотори и автомобили.

Бојан Шашевски