Во последните години, урбаниот велосипедизам во Македонија добива сè поголемо внимание. Се зголемува бројот на велосипедски патеки и ленти, се нудат субвенции за велосипеди, а сè почесто се организираат настани за промоција на оваа еколошка и здрава форма на урбана мобилност. Градоначалниците покажуваат сè поголем интерес за потребите на велосипедистите – тренд кој се очекува да продолжи и по претстојните локални избори, велат од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина „Гоу Грин“ (Go Green).
За да го поддржи овој позитивен развој, „Гоу Грин“ организира средба за вмрежување на организации, иницијативи и поединци активни во областа на урбаниот велосипедизам на 26 јуни, четврток, со почеток од 9:30 часот во Младинскиот центар „Матично“ во Скопје.
„Целта е заедничко запознавање, размена на искуства и идеи, како и поставување основа за идна соработка и координирано делување“, појаснуваат од здружението.
Сите заинтересирани можат да се пријават или добијат дополнителни информации преку мејлот info@bidizelen.org.
Оваа активност се реализира во рамки на проектот „Правилник за велосипедска инфраструктура како решение за небезбедноста во сообраќајот низ Република С. Македонија“, поддржан со ад хок грант на регионалниот проект СМАРТ Балкан -Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Центар за промоција на цивилното друштво (Centar za promociju civilnog društva – CPCD) од Босна и Херцеговина, Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Македонија и Институт за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија, финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.