Годинава уапсени 488 новинари, најмногу во последните две децении

Рекорден број од 488 новинари и медиумски работници се уапсени ширум светот годинава, соопшти организацијата Репортери без граници (РСФ) според годишниот биланс, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

„Откако РСФ почна да го прави својот годишен биланс во 1995 година, никогаш немало толку многу уапсени новинари“, се вели во денешното соопштението на организацијата за слобода на медиумите.

Тој извонреден пораст од 20 отсто за една година е главно резултат на апсења во три земји, односно Мјанмар, Кина и Белорусија. За Кина се наведува дека Законот за национална безбедност кој беше воведен во 2020 година во Хонг Конг, влијаел на тоа да се покачи бројот на приведени новинари на таа територија.

„РСФ никогаш досега нема забележано толку многу затворени новинарки. Вкупно 60 или една третина повеќе отколку во 2020 година“, посочува организацијата.

Иако мажите се сè уште побројни меѓу уапсените, Белорусија е земја во која има повеќе затворени новинарки – 17, отколку новинари, односно 15 нивни колеги.

Петте земји во кои се приведени најголем број новинари заклучно со 1 декември годинава се Кина – 127, Мјанмар – 53, Виетнам – 43, Белорусија – 32 и Саудиска Арабија каде што е приведен 31 новинар.

Во 2021 година биле убиени 46 новинари и медиумски работници, што е најмал број во последните 20 години, соопшти организацијата.

Овој надолен тренд трае од 2016 година, а се објаснува со развојот на регионалните конфликти во Сирија, Ирак и Јемен и стабилизацијата на фронтовите по 2012 и 2016 година, кои беа особено тешки во однос на бројот на убиени новинари, се додава во анализата.