„Се потегна прашањето за Водно, како и секогаш, кога девастирањето чукна на врата. Коментари од стилот : ‘Активистите не алармирале…’. Е па драги наши, активистите алармираат три години наназад, дека ќе дојде ден кога и законски никој ништо нема да може да спречи во таа девастација, која оддамна е започната. Реакции од типот, ‘леле видете што се случува’, сега се комплетно неефикасни“, соопштуваат од еко-организацијата „Го сакам Водно“, откако деновиве се појави информација за нова парцела, како продолжеток на градежните апетити во Парк-шумата.
Активистите потенцираат дека со Одлуката за заштита на Водно како заштитен предел од петта категорија, тоа што се случува со рамнењето на земјиштето во приватен посед во заштитената зона е сосем легитимно, со тоа што градби се забранети во текот на една година.
„И што потоа?! Никој нема да може да спречи нови градби! Тие со одлуката ќе бидат законски заштитени. Нашата борба беше да не дојде до оваа одлука!“, реагираат од „Го сакам Водно“.
Според нив, единствена светла точка е што структурата во советот на Град Скопје, која реално е контролор и тело кое ги иницира и одобрува одлуките на Градоначалникот, ќе има можност да превземе вистински чекор и да побара вистинско решавање на овој горлив проблем.
„Само Просторен План изработен од врвно стручно тело и Закон lex specialis за заштитениот простор, нашето Водно можат да бидат над оваа Одлука. Инаку, Водно ќе го изгубиме. Ако го сакате Градот, ќе имате можност да направите чекор за Водно да биде спасено, а со тоа и градот заштитен. Водно е нешто кое не смее никој да го предаде!“, се вели во реакцијата на „Го сакам Водно“.