Овој пристап се темели на успешни светски практики, од САД до Финска, каде што подкастот се користи како иновативна алатка за вклучување на учениците и проширување на нивните знаења. Истражувањата покажуваат дека ваквиот начин на учење ја зголемува мотивацијата, особено кај ученици што најдобро учат преку слушање, практична примена и тимска работа, објави Македонскиот институт за медиуми.
Членовите на медиумскиот клуб при ООУ„Илинден“ од Крива Паланка – Миахил, Сара, Божица, Лука, Давор и Михаела, ги подготвуваат своите мобилни телефони додека се упатуваат кон училиштето. Проверуваат дали батериите се полни и дали има доволно простор за снимање и фотографирање. За разлика од многу нивните врсници на кои телефоните им служат главно за игри и социјални мрежи, за овие основци мобилниот телефон е алатка за снимање и продукција на училишниот подкаст, новата училница во училиштето.
Благодарение на медиумскиот клуб што активно функционира во рамките на училиштето, учениците започнаа со снимање и продукција на свој училиштен подкаст. Ова не е само уште една воннаставна активност, туку вистинска мала медиумска лабораторија каде децата учат, создаваат и комуницираат на начин кој е близок до нив и во чекор со современите технологии.
„Целта на овие подкасти е учениците активно да разговараат за теми поврзани со училишниот живот, наставните содржини кои ги изучуваат, како и за актуелни настани и активности што се случуваат во рамките на училиштето“, вели Добри Јовевски, наставник и ментор на медиумскиот клуб.
Тој вели дека подкастот како медиум им овозможува на учениците да бидат гласни и да зборуваат за теми кои ги засегаат, да споделуваат искуства од училишниот живот, да дискутираат за наставни содржини, да организираат интервјуа со наставници и соученици и да ја пренесуваат атмосферата од настаните што се случуваат во училиштето. Во процесот на подготовка на секоја епизода, учениците истражуваат, пишуваат сценарија, снимаат, уредуваат и објавуваат, со што поминуваат низ сите фази на продукција на еден современ медиумски производ.
Кога ќе се види како децата се подготвуваат за новата епизода може да се каже дека зад микрофонот не се кријат само гласови, туку и процес на учење. Подкастот стана иновативна образовна алатка која ги поврзува традиционалното знаење со новите медиуми. Децата стекнуваат и ги зајакнуваат вештините како што се јавно говорење, креативно пишување, тимска работа, дигитална писменост и критичко размислување.

Фото: МИМ
„Оваа активност претставува современ начин на учење, интерактивен пристап кој овозможува учениците да развијат низа значајни вештини: од јавно говорење и јазично изразување, до мултимедијално уредување, дигитална писменост и критичко мислење“, додава Јовевски.
Вели дека самите ученици учествуваат во целокупниот процес – од идеја, подготовка на сценарио и снимање, до монтажата и финалната презентација на подкастот пред пошироката јавност.
„Овој пристап се потпира на концепти што веќе се применуваат во образованието низ светот, од САД до Финска, каде подкастот станува средство за ангажирање на учениците и проширување на хоризонтите. Истражувањата потврдуваат дека ваквиот начин на работа влијае позитивно врз мотивацијата за учење, особено кај ученици што подобро усвојуваат знаење преку слушање, практична работа и соработка“, нагласува наставникот.
Според него, ваквиот начин на учење претставува можност учениците не само да создаваат содржини, туку и да учат како да ги користат медиумите одговорно и креативно.
Медиумскиот клуб на училиштето „Илинден“ функционира со поддршка од Македонскиот институт за медиуми, кој обезбедува стручна и менторска поддршка за наставниците и учениците. Целта не е само техничко производство на епизоди, туку создавање култура на медиумска писменост уште од најрана возраст, култура на одговорно и свесно користење на медиумите како средство за учење, изразување и учество во заедницата.
„Активностите на медиумскиот клуб се реализираат во соработка со Македонскиот институт за медиуми, кој ни овозможува стручна поддршка, обуки и професионални насоки. Заедничката цел ни е да креираме медиумски едукативни производи кои ќе бидат во насока на подобрување на воспитно-образовниот процес и зајакнување на медиумската писменост на учениците“, вели Јовевски.
Во секоја нова епизода може да се почувствуваат креативноста, љубопитноста и ентузијазмот на една генерација што расте со медиумите, но учи како да ги користи одговорно и паметно.
„Учениците со голем ентузијазам и љубопитност ги прифаќаат овие предизвици. Секоја нова епизода претставува можност за креативност, соработка и учење преку практични активности. Она што особено е значајно е што учениците го прават тоа со страст, ентузијазам и чувство на сопствена одговорност кон создадената содржина,“ заклучува Јовевски.
Автор: Александар Манасиев
*Текстот првично е објавен на сајтот на Македонскиот институт за медиуми (МИМ)