Ѓорѓи Рајчиноски, СП: Студентите заслужуваат пристоен живот во домовите и легитимни претставници

Лошиот студентски стандард, мизерните услови во студентските домови, трошоци за школарина и јавен превоз се само мал дел од проблемите со кои секојдневно се соочуваат македонските студенти. На меѓународниот ден на студентите, Ѓорѓи Рајчиноски од Студентски пленум за Радио МОФ објаснува кои се предизвиците за студентите, на што работи Студентскиот пленум во моментов, но и до кај е работата со новиот Закон за високото образование.

Денеска се одбележува меѓународниот ден на студентите. Пред какви предизвици се исправени македонските студенти и кои се најголемите проблеми?

Доколку зборуваме за проблемите на студентите во Македонија, мислам дека ќе нема доволно хартија (или меморија) за да се опфатат сите. Почнувајќи од пред се` пренискиот студентски стандард, во кој се вклучени мизерните услови во студентските домови, трошоци во однос на школарина, јавен превоз и низа други проблеми за на крај како јагода на шлагот да дојде студентската репрезентативност.  Меѓутоа, според мене, најголеми предизвици пред кои треба да се исправиме како студенти се овозоможување на квалитетен и повеќе од пристоен живот во студентските домови, како и правична и чесна репрезентативност во која студентите ќе имаат легитимно избрани претставници.

Студентскиот пленум функционира нешто повеќе од една година. По првиот студентски марш многумина беа изненадени. Што се промени во текот на изминатата годината, посебно во однос на мислењето дека студентите се „пасивни“?

Студентскиот пленум како движење може да се гордее со фактот што после долг период на молчење на целото општество, имаше храброст да го крене гласот против лошите реформи во образованието, што доведе до сеграѓанска активност на сите полиња. Всушност, студентите беа моторот кој го придвижи општеството напред и беа двигател на критичката мисла после долго време.  Тоа што моментално не се случуваат маршови и протести не значи дека Студентскиот пленум не постои и не работи.

Што се случува со измените на Законот за високо образование? Каква е соработката со професорите, и дали имате комуникација со Министерството за образование и наука?

Во однос на соработката со Министерството за образование и наука, од 5 мај, денот кога студенти беа тепани од страна на полицијата, ги прекинавме преговорите околу законот за високо образование, меѓутоа законот продолжи да се работи во работната група на УКИМ во која се вклучени студенти и професори. Се надеваме дека до април следната година ќе успееме да го доработиме предлог-законот, со што новата Влада која би се формирала после изборите, би го имплементирала во нашето законодавство.

Студентите од ФДУ го искористија вакуумот на нивниот факултет и од членовите на Студентскиот пленум беше создаден Студентскиот парламент на овој факултет. Дали има можности и најави дека ваквиот модел на организирање ќе се прошири и на други факултети?

Проблемот со Студентскиот парламент е во тоа што најголем дел од студентите не знаат кои се нивните претставници таму. Исто така, тешко можеме да се информираме за нивното постоење и дејствување, затоа што очигледно постојат кога некој ќе има потреба од нив. Случајот со Факултетот за драмски уметности искрено не` радува, но засега нема најави за продолжување на ваквата практика и  на другите факултети.

Изборите на претседател на СПУКМ се актуелна тема, со оглед на фактот што мандатот на сегашниот претседател истече лани. Дали има можност и дали размислувате за учество на ваши членови на следните избори?

Како што начелно споменав, СПУКМ се нелигитимно тело кое што би требало да ги претставува интересите на студентите. Во новиот Закон за високо образование е предвидена целосна измена на студентското претставување, со што студентите ќе добијат легитимен претставник кој ќе се бори за нивните права и интереси.

Во споредба со лани, годинава сте многу тивки. Како функционира Студентскиот пленум и на кои проблеми ќе ставите акцент во периодот што следи?

Со оглед на длабоката политичка криза во Македонија, фокусот се префрли на друга страна. Меѓутоа Студентскиот пленум функционира нормално, работиме на наоѓање решенија на моменталните студентски проблеми кои кога ќе бидат формулирани ќе бидат пласирани во јавноста. Студентскиот пленум и понатаму останува место на кое што секоја идеја може да си го најде местото и каде што секој е добредојден. Нашиот фокус во периодов е на работење на новиот Закон, подобрување на условите во студентските домови, како и општо подигнување на студентскиот стандард.

Ј.Ј.