Студентски парламент на ФДУ: Пленумот беше поттик за нашето создавање

Факултетот за драмски уметности во Скопје во јуни оформи свој Студентски парламент, кој е независен од Студентскиот парламент на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (СПУКМ).

Идејата за формирање на Студентски парламент се родила на состанок кој во март го одржале сите студенти на ФДУ, кога сé уште биле пленум. Тогаш издвоиле 17 главни проблеми како заеднички за сите студенти на ФДУ и одржале состанок со деканот и сите професори.

„Ни фалат многу работи, почнувајќи од најосновните хигиенски средства во факултетот, до менување на професори, предмети, наставни програми, разни пракси, достапност на материјали и техника“, вели Горјан Атанасов, претседател на СПФДУ.

До 2009 година ФДУ имал Студентски сојуз, кој не бил дел од тогашниот Студентски парламент на УКИМ, бидејќи оттаму сметале дека ФДУ е премал факултет за да има право на претставник и глас.

Оние кои се залагале против ваквата политика во меѓувреме дипломирале, законот се сменил и Студентскиот сојуз како назив веќе не смеело да се користи. Како тело за претставување на студентите се признавал само Студентски парламент.

„Тоа значеше пререгистрација, менување статут и сите бирократски процеси кои треба да се поминат. Од 2009 наваму, никој не презел иницијатива. Ние не знаевме од каде да започнеме и ни требаше помош од некој кој знае како тоа треба правно да се регулира. Пленумот, како организација која презеде голема иницијатива и ги разбуди сите, беше пресуден за луѓето да почнат да се залагаат и од таму се роди Парламентот. Неколкумина од нас се ангажираа, се консултиравме да најдеме другари правници кои ги запознавме од пленумот, тие нé поврзаа со други луѓе и така почнавме полека“, раскажува Атанасов.

Студентски парламент на ФДУ: Пленумот беше поттик за нашето создавање

Целиот процес додека да подготват статут и печати, да го регистрираат парламентот и да ја преземат сметката на која се таложат парите кои студентите ги плаќаат за  претставник во рамките на УКИМ, траел околу шест месеци. Тие плаќале за студентски претставник и кога го немале, а парите кои се таложеле на сметка ги искористиле за регистрација на парламентот и реновирање на бифето.

„Оваа фракција која произлезе од пленумот, всушност се роди на тој состанок. Тогаш почна повеќе да се дискутира за преземање на парламентот. Одлучивме да биде независен од СПУКМ и воопшто не бараме да бидеме дел од тоа, бидејќи сметаме дека немаме потреба од нив. Свесни сме како функционираат и дека само ќе ни прават застој“, вели Атанасов.

„Инаку, името парламент не ни значи многу, ниту пак ни значат функциите претседател и секретар. Кај нас хиерархија не важи, работи секој кој сака да се вклучи, но таквата поставеност ни е потребна за на хартија“, вели Дарко Набаков, кој формално се води како секретар на парламентот.

Членови на парламентот, како што велат, се сите студенти на ФДУ, но никој не е принуден да учестувува. Основни цели им се да се заштитат студентските права и да се подобрат условите на факултетот, како и промоција и поддршка на секоја студентска иницијатива поврзана со драмската уметност или филмот.

Парламентот веќе започнал со својата работа, а една од првите барања на тој прв состанок во март била студентите да паѓаат на испити, односно ако некој не се залагал доволно и не присуствувал на предавања, да не помине така лесно.

„Сакаме да се запазат основните принципи на студирање. Мислиме дека последните неколку години студентите испитите ги положуваат лесно и критериумот е премногу низок. Целиот степен на образование е премногу низок. Ние се обидуваме некако да го подигнеме, и затоа почнавме со алтернативни предавања во преуреденото бифе. Тоа е нашиот план: повеќе алтернативни предавања, гледање на филмови, дискусии, повеќе мотивација на самите студенти, и се надеваме промени во Деканатот“, вели Набаков.

Студентите воопшто не се противеле на таквиот предлог, а според Набаков и Атанасов, тоа ги натерало професорите да станат построги во однос на минусите и повеќе да ги контролираат. Велат дека сега има поголема самоконтрола и самокритичност, што сметаат дека е предуслов за секое понатамошно подобрување.

Велат дека за соработка или контакт со другите парламенти во рамките на УКИМ досега не станало збор.

„СПУКМ е единствен формален парламент кој го знаеме, а тие ниту нé побараа, ниту пак знаеме дали знаат дека постоиме. Едноставно, го работиме тоа што треба да се заврши во рамки на ФДУ. Од неформалните организации, соработуваме со Студентски пленум“, вели Атанасов.

Набаков смета дека нивниот модел на студентско претставништво има поголема можност да успее во реформирање и решавање на проблемите со кои студентите се соочуваат за време на нивните студии: „Се трудиме овој студентски парламент навистина да успее да ги подобри условите на факултетот. Ако сите почнеме локално од своите факултети, бидејќи сите ги знаеме своите факултети и нивните проблеми најдобро, би било полесно да направиме нешто за да ги смениме работите заедно во рамки на цел универзитет. Покорисна би била промена одвнатре, отколку наметната однадвор“.

И другите факултети почнале да се активираат за да тргнат по стапките на ФДУ. Студентите на ПМФ, според Атанасов, бараат начин да го преземат претставништвото, а Правен факултет дури и подготвува тужба поради фалсификуваните потписи.

Нагласува и дека никогаш не би предложиле свој кандидат на избори на СПУКМ.

Студентскиот парламент полека го презема и организирањето на интернационалните студентски средби Скомрахи, кои беа отворени синоќа.

„Студентскиот парламент како една од целите ја има и организацијата на Скомрахи. Иако без разлика дали ќе постоеше СПФДУ или не, ние ќе се вклучевме во организацијата, позвучни сме сега кога имаме печат и име, статут. Едноставно постоиме и не може некој да нé игнорира“, тврди Атанасов.

Скомрахи започнал како студентска иницијатива во 1988 година, смислена за соработка меѓу студентите на драмските факултети во поранешна Југославија. Иако станува збор за студентски средби, студентите со тек на времето не се вклучувале активно во организацијата, поради што неа ја презел Деканатот, а имало и тригодишна пауза.

Сега тие се обидуваат и да најдат поголема поддршка, за од наредната година Скомрахи да биде организиран само од студентите.

„Студентски парламент финансиски учествува со многу мал дел од средствата, бидејќи она со што можеме да придонесеме не е голема сума. Сé што организираме во рамките на Скомрахи е од спонзорства и добра волја. Имаме другари кои свират во бендови, другари кои се ликовни уметници… Функционираме на принципот на солидарност“, вели Набаков.

Стефанија Тенекеџиева