Гинекологот во Шуто Оризари заглавен во бирократските процедури

Жените од Шуто Оризари уште го чекаат првиот гинеколошки преглед кај доктор Вјолце Мбиара во локалната амбуланта. Дел од нив ни објаснија дека канцеларијата во која треба да работи докторката се реновира, додека се чека комплетирање на административните процедури за таа да почне со работа.

Од Министерството за здравство, уште на 5-ти јули, најавија дека Мбиара ќе почне со работа во амбулантата во Шуто Оризари „од следната недела“, но сега, на нашите прашања, не ни дадоа временска одредница кога докторката ќе го има својот прв работен ден со своите пациенти, објаснувајќи дека процедурите се при крај.

„Во завршна фаза е процедурата за отворање гинеколошка ординација во Шуто Оризари и веќе се финализирани законските процедури за регистрирање нова ординација, добивање на потребните лиценци и дозволи за работа и извршен е увид од стручна комисија од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, констатирано е дека се исполнети сите услови од аспект на опрема, простор и кадар“, информираат од Министерството.

Од Министерството додаваат и дека Мбиара ќе работи како матичен гинеколог, за континуирана гинеколошка здравствена заштита за жените во Шуто Оризари.

Радио МОФ во повеќе наврати пишуваше за проблемите со недостаток на матичен гинеколог во Шуто Оризари. Голем дел од жените во Шуто Оризари единствените гинеколошки прегледи ги добиваа преку иницијативите на невладините организации кои повремено обезбедуваа бесплатен гинеколог во општината.

Во Шуто Оризари преку 8 илјади жени во репродуктивен период, повеќе од 10 години, се без матичен гинеколог. Изминатиот период беа одржани повеќе протести и перформанси поради овој проблем со кои се соочуваат, додека жените постојано сведочеа дека се соочуваат со случаи на дискриминација, нелегална наплата, нередовни контроли и големи трошоци во обезбедување на гинеколошки услуги.

Претходната Влада никогаш не успеа да најде решение за овој проблем и покрај бројните ветувања. Повремените ад-хок решенија, преку финансиски мотивации или повремени посети на специјалисти-гинеколози, завршуваа или неуспешно или имаа многу краток ефект.

Пред една година критики до македонската Влада стигнаа и од Комисијата на Високиот комесар за човекови права на Обединетите нации кои изрично наложија до владините претставници дека треба да обезбедат достапност до гинеколог во сите општини, особено во Шуто Оризари.

Според Евростат, доеничката смртност во Македонија е скоро три пати повисока од европскиот просек, а според анализите на УНИЦЕФ, таа е и 25% повисока помеѓу ромската популација во земјата.