Бремените Ромки од Шуто Оризари сè уште го чекаат ветениот гинеколог

На 23-годишната Емин Телѓуз многу би и олеснило доколку има матичен гинеколог во Шуто Оризари. Таа е во шестиот месец од својата бременост. Била само на една контрола, нема здравствено осигурување, а последната посета на гинеколог ја чинело 2500 денари.

„Загрижена сум бидејќи цело време размислувам што ќе биде. Немам здравствена книшка и ќе морам сè приватно. Тоа ми предизвикува стрес. Од друга страна се плашам – дека ќе ми го земат бебето. На жената кога е бремена и доаѓаат секакви мисли на памет. Ме прашуваат каде ќе се породувам, а јас не можам да одговорам“, објаснува Емин, која побара да не биде фотографирана.

Таа, заедно со Семрана Сулејман, која е во петтиот месец од бременоста, раскажуваат за тешкотиите со кои се соочуваат 8-те илјади жени од Шуто Оризари кои се во репродуктивен период. Тоа што треба да одат далеку од својот дом за контрола на својата бременост ги обесхрабрува поради финансиските проблеми и лошиот однос со кој се соочуваат.

„Дел од бремените кои одат на прегледи раскажуваат дека докторите само гледаат побрзо да завршат со нив. Со зборови како „види ги овие нечисти“. Забележуваме кога одиме на преглед дека некој пред нас, кој не е Ром, останува половина час, а мојот преглед трае пет минути. Тоа прави да се чувствуваме тешко. Прават разлика – некого прегледуваат како што треба, а нас не исфрлаат туку-така. Имаме право да знаеме во која состојба е нашето бебе. И ние сме луѓе“, раскажува Емин.

Ромските невладини организации сè поажурно ги следат сведоштвата на жените Ромки низ бременоста и иако сметаат дека работите се подобруваат, односот кон нив сè уште е далеку од задоволителен.

Касандра Абдула од Иницијативата на жени од Шуто Оризари вели дека покрај тоа што подолго време не функционира алтернативната владина мерка – општината да ја посетува гинеколог три пати во неделата, тие се револтирани и од незаконската наплата на прегледите. Иако бремените жени се ослободени од плаќање, таа информира за примери каде ехо-прегледите им се наплаќаат по 300 денари, а микробиолошките брисеви по 500 денари. Забележани се и ситуации каде гинекологот одбил да прими жени Ромки, се до најекстремните случаи во кои многу жени Ромки ги загубиле бебињата.

romi-ginekolog-1

Архивска фотографија од протестниот пероформанс на жените од Шуто Оризари на почетокот на годинава

„Некои жени воопшто не одат на гинеколог. Не знаат ни во кој месец се од бременоста. Имав една жена клиентка која ми кажа дека матичниот гинеколог ја одбил и не знаеше во кој месец од бременоста е. Морав јас да одам со нејзе за да и отвориме картон и да си ја следи бременоста. Пристапот од докторот кон нив не е добар, а целиот процес им одзема пари и тоа може да го загрози нејзиното бебе“, вели Абдула.

Аида Мустафовска од невладината „Амбрела“ вели дека пропаднало ветувањето од Владата дека во Шуто Оризари три пати неделно ќе доаѓа гинеколог. Дури и тој гинеколог што доаѓал немал дозвола да препишува лекови или да дава упати, туку при компликации бремените жени ги препраќал кај матичен гинеколог.

„Министерот за здравство три пати нè посети и вети дека Шутка ќе има гинеколог. Во негово присуство беа и други министри и од локалната самоуправа. Сите се удираа во гради. Но што имаме од тоа. Пет години наназад е истата приказна. Колку жени Ромки додека стигнат на породување се пораѓаат во такси“, вели Мустафовска.

Таа вели дека успех е што издејствувале намалување на средствата кои жените Ромки ги плаќаат за здравствените услуги, додека вели дека е подобрена и редовноста на контролите од патронажните сестри кои треба да ги посетуваат бремените жени по два пати, пред и по породувањето. Но проблемите на ромските жени во бременоста придонесуваат за разнишување на семејните односи и на нивната здравствената состојба, додава Мустафовска, а најболно е кога тоа се одразува на новороденчето.

„Како можеше да функционира најнормално пред многу години, па и во периодот на социјализмот. Дојде демократијата – дојде и дискриминацијата. Ако некоја жена од 70 години ми кажува дека во социјализмот имала работа, гинеколог и педијатар во амбулантата во Шуто Оризари, каде ги носела своите деца на преглед, сега во демократија треба да имаме пет гинеколози – а немаме ниту еден. Срамота е во 21-виот век жената Ромка да се породува дома. И од неукост и необразованост таа не зборува за својот проблем, затоа што и е страв“, вели таа.

Од Министерството за здравство не добивме одговор за проблемите со здравствениот систем со кои се соочуваат жените од Шуто Оризари. Во меѓувреме, министерот Никола Тодоров промовираше нова мерка за кофинансирана специјализација на матични гинеколози во дваесет и една општина. Според мерката, предвидено е Шуто Оризари да добие два матични гинеколози.

Жените Ромки од оваа скопска општина подолг период се соочуваат со овој проблем. Во текот на минатата и почетокот на оваа година организираа неколку протести и перформанси пред институциите.

 

Даниел Евросимоски