Гиевски: Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк

Незадоволни од ниските плати и непочитување на колективниот договор претседателот на Независниот синдикат на образование и наука Томислав Гиевски вели дека новата учебна година може да почне со штрајк.

Во интервју за Радио Слободна Европа тој вели дека станува збор за огромно незадоволство коешто преовладува во основните и средни училишта, како резултат на понудените ниски 10 проценти од страна на владата преку општиот колективен договор.

„Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк, ние како Независен синдикат за образование и наука активно работиме на окрупнување на силата со цел да можеме да го реализираме тој процес. Се разбира, доколку и побројниот синдикат го искористи тоа право, ние сме тука да се солидаризираме и да ги окрупниме силите за да ја оствариме таа цел. Револтот потекнува од најавените промени во секторот образование коишто не се совпаѓаат со законите. Револтот исто така е поради ниската потпросечна плата, а најголем е револтот на просветните работници поради непочитувањето на колективните договори“, вели Гиевски.

Тој во интервјуто додава дека преку кршење на законот просветните работници се потпросечно платени.

„Наставник, стручен соработник во основно образование добива плата од 29.200 денари, а сите знаеме дека просечната плата во државата е 35.500 денари. Доколку се спроведе во целост колективниот договор, онака како што е напишан, на ист начин на којшто јавните функционери го испочитуваа законот и си ги зголемија платите за 78 проценти, почетната плата на просветните работници треба да биде 2.5 пати повисока од минималната плата. Тоа е според закон“, вели Гиевски.

Целото интервју со Гиевски, во кое тој зборува и за подготвеноста за почетокот на учебната година и недостатокот на учебници може да го погледнете во продолжение: