Ги нема ветените 20 евра на сметките на родителите со ниски примања

Иако премиерот Димитар Ковачевски во декември лани најави дека во наредните шест месеци секој месец учениците ќе добиваат финансиска помош од по 1.200, односно 1.800 денари, сепак, иако сега е веќе средина на март, парите ги нема на сметките на родителите, пишува новинската агенција Мета.

Mинистерството за образование и наука (МОН) го објави четвртиот јавен повик за финансиска поддршка на основци и средношколци од семејства чии приходи во месецот не надминуваат 50.000 денари. Постојано се објавуваат нови повици, а во меѓувреме, стотици родители досега не добиле финансиска помош за ниту еден месец, иако уредно и навремено доставиле потребни документи.

Иако премиерот Димитар Ковачевски во декември лани, најави дека во наредните шест месеци секој месец учениците ќе добиваат финансиска помош, сепак, иако сега е веќе средина на март, парите не се на сметките на родителите.

„Над 105.000 ученици во основното образование и средношколци, во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно“, вети тогаш Ковачевски, најавувајќи го новиот пакет мерки.

Во врска со ова Мета.мк се обрати до Министерството за образование и наука (МОН). Оттаму повторија дека се соочуваат со предизвик – често во училиштата, родителите доставуваат неточни податоци, односно доставуваат трансакциски сметки кои се погрешни или затворени.

„Тоа ја закочува исплатата“, тврдат оттаму.

За тоа, дали и за кои месеци добиле пари родителите, прашавме и во Фејсбук групата „Поддршка за онлајн настава“ во која најмногубројни членови се токму родители. Мнозинството коментари се дека немало исплата за ниту еден месец досега.

„Во средината на јануари имаше една исплата за месец декември и тоа е сè“, гласи еден од коментарите.

Кога беше најавена оваа мерка, Ковачевски кажа дека мерката е предвидено да ја искористат околу 75 илјади основци и 30 илјади средношколци. Аплицирањето се вршеше преку училиштата, а исплатата требаше да биде етапна, односно како што училиштата доставуваат податоци до МОН, така да се подготвуваат налози за плаќање.

Иако доцнењата на исплатите се големи, во буџетот на МОН за антикризните мерки од деветиот пакет на Владата, беше кажано дека се обезбедени 843 милиони денари, наменети за ученици и студенти. Предвидено беше, почнувајќи од демекври лани, па сè до мај годинава, родителите со ниски примања секој месец на сметка да добиваат по 20 евра.