Насловната фотографија на платформата „Дома си е дома“ на кое беше прикажано езерото Кенигсе во Германија попладнево е заменета со нова фотографија, која како што нaведуваат од Министерството за економија, е од домашна туристичка дестинација.
„Во врска со фотографијата која е употребена на платформата „Дома си е дома“ (www.domasiedoma.gov.mk и www.pushimenevend.gov.mk ) преку која се реализира мерката за ваучери за туризам за граѓани со ниски приходи, сакаме да ве известиме дека фотографијата е преземена со сите авторски права. Во исто време Ве информираме дека Министерството за економија во текот на денешниот ден ја замени со нова фотографија од домашна туристичка дестинација“, соопштија од ресорното министерство.
Оттаму додаваат дека Министерство за економија низ целата промоција на мерката, преку оваа Платформа, акцентот го става на промовирање на туристичките потенцијали на земјата.
„Платформата ќе биде доградена со нови податоци за капацитети и места каде нашите граѓани ќе можат да ги користат ваучерите за поттикнување на домашниот туризам, каде што дополнително сите граѓани кои што ќе одлучат да летуваат во нашата земја ќе можат да ги видат убавините на државата“, се додава во соопштението.
Претходно, Радио МОФ разговараше со авторот на фотографијата Симон Мигај кој преку Твитер дознал дека се користи неговата фотографијата за промовирање на домашниот туризам.