„Македонија стана моја број 1 дестинација“, вели Симон Мигај, автор на фотографијата со која Владата промовира туризам

„Одеднаш Македонија стана моја број еден дестинација што би сакал да ја посетам“.

Ова е желбата на 36-годишниот фотограф Симон Мигај, откако дозна дека неговата фотографија направена на езерото Кенигсе во Германија е искористена за промоција на домашниот туризам од страна на македонската Влада.

Фотографијата поттикна дискусија меѓу корисниците на социјалните мрежи, многумина се прашуваа дали е воопшто направена во државава, а почнаа да се шират и досетки упатени кон Владата.

Официјалниот сајт на Владата каде се промовираат ваучерите за домашен туризам

Како што објаснува Мигај за Радио МОФ, фотографијата е направена за приватен клиент пред неколку години, а езерото прикажано на фотографијата е доста познато.

„Не планирав да ја употребам никаде, па само ја прикачив на интернет за луѓето да можат слободно да ја користат и мило ми е што го направив тоа! Многу ја најдоа за корисна. Оваа конкретна фотографија ја користат веб-страниците како ‘Booking’, ‘Forbes’, и ‘Medium’, така што не е изненадување што некој во Македонија се ‘сопна’ на неа“, објаснува Мигај за Радио МОФ.

Дека фотографијата се користи, Мигај дознал сосема случајно. На Твитер се развила дискусија околу тоа каде е направена фотографијата во Македонија.

„Некој друг ја ‘изгуглал’ и ме тагнал на неа. После тоа стана вирално, и така дознав, преку Твитер и љубопитни Македонци“, вели Мигај.

Неговите впечатоци се позитивни, но вели дека за жал страницата каде се користи фотографијата е само на македонски, така што тој може да се „потпре“ само на онлајн преведувач за да го разбере контекстот.

„Ако не се грешам, фотографијата се користи за промовирање на владината помош за туристичката индустрија во Македонија, за која јас лично мислам дека е одлична работа, особено во овие тешки времиња“, посочи Мигај.

Тој вели дека е малку жално што е избрана конкретно оваа фотографија, но додава дека вниманието му го привлекла Матка, која изгледа многу слично, па, така мисли дека од таму потекнува целата збунетост.

„Повторно, морам да го истакнам ова, одлично е што оваа фотографија се користи и 100% ја поддржувам каузата, плус фотографијата е достапна слободно за користење. Само е жално што некој ја избра оваа конкретна фотографија, а не некоја која е всушност од Македонија“, вели Мигај.

Вакви работи се случуваат постојано, но Мигај потенцира дека никогаш во ваков обем, ни посочи дека има уште неколку други фотографии на различни веб-страници достапни за бесплатно користење.

„Реакцијата на ова беше апсолутно огромна. Многу Македонци почнаа да ми пишуваат од вчера, покажувајќи ја нивната поддршка и едноставно споделувајќи знаење за својата земја. Навистина е неверојатно! Одеднаш Македонија стана моја број еден дестинација што би сакал да ја посетам“, вели Мигај.

Тешко му било да го стави сето ова во контекст, поради тоа што, како што посочи, многу малку знае за политичката состојба во државава.

„Но, дефинитивно би сакал да испратам порака на позитивност. Како што изгледа, македонската влада се труди да направи нешто одлично, да ја поддржува сопствената индустрија, индустрија на убава земја! Жално е што се користи оваа фотографија, да, но сите правиме грешки, на крајот на денот што се обидоа да направат нешто неверојатно позитивно“, вели Мигај.

Од вчера, граѓаните на социјалните мрежи почнаа да го користат хаштагот #ДомаСиЕДома, и саркастично да споделуваат фотографии од целиот свет со кој сакаат да направат една споредба со тоа што Владата за промоција на домашниот туризам користи фотографии кои не се направени тука.

Мигај живее и работи во Лондон како 3Д артист и документарен фотограф, а моментално води мало студио во Лондон наречено „Pressenter Design“ специјализирано за архитектонска визуелизација и фотографија.

Мартин Колоски