Германските фудбалери ги покрија устите поради забраната да носат ЛГБТ+ симболи на Светското првенство во Катар

Фудбалерите на Германија ги покрија устите со раце и носеа симболи со боите на виножитото на своите копачки за време на официјалното фотографирање пред нивниот меч против Јапонија на Светското првенство во Катар.

Нивната порака во знак на револт против забраната од ФИФА играчите на првенството да носат капитенски ленти во боите на виножитото.

Шестмина од првотимците на Германија носеа бои од виножитото на нивните копачки.

„Забраната да носите ленти е исто како да ни го забраните нашиот глас. Стоиме зад оваа наша позиција. Сакавме да ја искористиме нашата капитенска лента за да застанеме зад вредностите кои ги имаме во германската репрезентација, различноста и заедничката почит. Заедно со другите држави сакавме нашиот глас да се слушне. Не станува збор за политички став – човековите права не се нешто за кое може да се преговара. Тие мора да бидат дозволени, но тоа се` уште не е случај. Затоа оваа порака е важна за нас“, стоеше во соопштението на Германската фудбалска асоцијација упатена до ФИФА веднаш по почетокот на мечот.

Стравот од спортски казни, меѓу кои и добивање жолт картон за капитените кои би носеле вакви ленти, принуди седум држави кои ветија дека ќе носат вакви ленти во боите на виножитото на натпреварите од Светското фудбалско првенство да се откажат од таа намера.

Дел од овие нации веќе најавија дека ќе покренат спор против ФИФА пред Судот за спортска арбитража поради забраната.

Покрај гестот на фудбалерите и германската министерка за внатрешни работи, Ненси Фисер се појави со лента во боите на виножитото на трибините, која означува толеранција, диверзитет и ЛГБТ+ права. Таа ја носеше лентата додека седеше до претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.