Американски новинар приведен од обезбедувањето на Светското фудбалско првенство во Катар поради маица со боите на виножитото

Американски спортски новинар тврди дека бил приведен во Катар откако се обидел да влезе на стадионот каде се одржува Светското првенство во фудбал носејќи маица со боите на виножитото како поддршка на ЛГБТИ заедницата, пренесува „Еуроњуз“. 

Грант Вал кој во моментов има свој веб-сајт изјавил дека обезбедувањето пред стадионот го спречило да го проследи натпреварот меѓу САД и Велс и го прашале дали може да си ја соблече маицата. Истополовите бракови во Катар се забранети со закон.

Вал напиша објава на Твитер каде информираше дека му бил одземен и телефонот.

„Добро сум сега, но тоа беше сосем непотребно. Бев приведен речиси половина час“, напиша тој.

Спортскиот новинар подоцна изјавил дека шефот на обезбедувањето подоцна му се извинил, а добил извинување и од претставник на ФИФА, меѓународното раководно тело на фудбалот во светот.

Седум европски земји учесници во Светското фудбалско првенство претходно неделава ја повлекоа одлуката да носат стегачи за рака со слоганот „OneLove“ за поддршка на диверзитетот и инклузијата откако ФИФА се закани дека ќе дава жолт картон на секој играч кој ќе носи шарена лента за рака.

Катар во моментов е под интензивна контрола од многу од западните земји поради начинот на кој ги третира членовите на ЛГБТИ заедницата и мигрантите. Сепак, шефот на ФИФА, Џани Инфантино тоа го оцени како хипокритично изјавувајќи дека „Европејците треба да се извинат за следните 3.000 години пред да држат лекции за морал на луѓето“.