Германски турист ја оштетил фонтаната на Нетпун во Фиренца за да направи селфи

Млад германски турист ја оштетил познатата фонтана на Нептун во Фиренца, качувајќи се на неа за да направи селфи фотографија.

22-годишниот маж срушил парче од мермерот на фонтаната кога се качил на статуата и при симнување го оштетил копитото на еден од коњите кои се наоѓаат под статуата на Нептун.

На снимките од безбедносните камери може да се види како мажот ја прескокнува водата пред да се качи на уметничкото дело и да позира за слика, по што бега од местото. Тој бил идентификуван преку сликите од општинските камери, а локалните полициски служби го лоцирале неколку часа подоцна.

Според првичните најави на полицијата тој направил штета од 5.000 долари на историскиот споменик, кој потекнува од 16-тиот век и беше целосно реставриран во 2018 година. Туристот се соочува со висока парична казна.

Фонтаната на Нептун била нарачана во 1559 година во чест на бракот на член од семејството Медичи со надвојвотката на Австрија.

Ова не е прв инцидент со вандализам на италијански културни знаменитости ова лето.

Во август германски турист, исто така во Фиренца, нацрта графит на надворешноста на Коридорот Васари во Фиренца, преминот кој го поврзува музејот Уфици со Градините Боболи преку реката Арно. Претходно, во јуни, оштетен беше и Римскиот Колосеум, каде турист го гравираше своето име и името на неговата девојка, а со графит беше вандализирана и Галеријата Виторио Емануеле II во центарот на Милано.