[Галерија] „Ве сакаме такви какви што сте“ – во Скопје одбележан Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица

Десетици лица денеска маршираа по скопските улици одбележувајќи го Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица.

Со транспаренти на кои пишуваше „Да бидеш транс не е избор, да си трансфобичен е“, „Не ми треба дозвола да бидам јас“, „Ве сакаме такви какви што сте“, маршот во организација на граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ започна пред Владата на пладне, а заврши пред Собранието.

Активистот Лео Поповиќ пред почетокот на маршот посочи дека „ТрансформА“ застапува за иднина каде трансродовите лица може да живеат отворено, безбедно и достоинствено.

„’ТрансФормА’ стои решително во својата посветеност да оддаде почит на сите оние кои ги изгубивме поради насилство и дискриминација што ја туркаат трансродовата заедница на маргините на општеството“, рече Поповиќ.

фото: Радио МОФ

Денот кој се одбележува, како што рече Поповиќ е важен потсетник за тековните борби пред кои се исправени трансродовите лица ширум светот, вклучително и во Северна Македонија.

„Тоа е ден за размислување и анализирање на системските неправди кои продолжуваат да ги поттикнуваат насилството и дискриминацијата против трансродовите личности, пред се иницирани од конзервативните анти-родови движења кои шират дезинформации и се обидуваат да шират бесмислена омраза“, рече Поповиќ.

Видливоста е од суштинско значење во борбата за правата на трансродовите луѓе, особено во недоволно либерално и прилично затворено општество како македонското, рече Поповиќ.

„Видливоста е вистински предизвик за стереотипите, ги разобличува заблудите и придонесива трансродовите луѓе да бидат прифатени како луѓе. Петтиот последователен Марш за видливост на транс луѓето во Скопје е всушност доказ дека трансродовите лица одбиваат да бидат избришани или замолчемни и продолжуваат со својата битка да бидат прифатени како интегрални членови на нашето општество“, рече Поповиќ.

Сепак, и покрај веќе постигнатиот напредок, активистот истакнува дека не може и не смее да се дозволи да се игнорира ширењето страв кој, како што рече, го предизвикуваат конзервативните анти-родиви движења.

„Овие движења се обидуваат да ги поткопаат правата и достонинството на трансродовите лица преку правење лажна паника, предизвикување дискриминација и сеење омраза. Мора да ја отфрлиме оваа штетна реторика и да ги поддржиме вистинските семејни вредности: емпатија, разбирање и бесусловна љубов“, дециден е Поповиќ.

Ова е петти поред последователен Марш за видливост на транс луѓето во Скопје, а од „ТрансформА“ велат дека тоа е всушност доказ дека трансродовите лица одбиваат да бидат избришани или замолчени и продолжуваат со својата битка да бидат прифатени како интегрални членови на нашето општество.

Мартин Колоски