[Галерија] „И мојот идентитет постои“ – одржан петтиот Марш за видливост на трансродовите лица

„Ние постоиме, закон не постои“, „Прифаќањето спасува животи“, „Со човековите права не се преговара“ се дел од пораките испратени на денешниот Марш за видливост на трансродовите лица што се одржа во Скопје.

Со свирежи и транспаренти под мотото „И мојот идентитет постои“ граѓани и активисти скандираа на Маршот што годинава по петти пат го организираше Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Северна Македонија, „ТрансформА“ со што се приклучува кон глобалното одбележување на Денот за видливост, 31 март.

Фото: Радио МОФ

На собирното место пред Владата се обрати независниот музичар и актер, Лео Поповиќ и побара да се донесе Законот за правно признавање на родот со цел, како што рече, трансродовите лица конечно да ги остварат нивните елементарни права.

„Како и сите претходни години и оваа година децидно и недвосмислено бараме Законот за правно признавање на родот да биде конечно ставен во Собраниска процедура со што пратениците ќе ја добијат можноста да гласаат онака како што ветуваа пред да бидат избрани и онака како што Европскиот суд за човекови права ѝ наложи на оваа влада како обврска. За политичките субјекти можеби ова е интригантна политичка игра и собирање поени, меѓутоа ве уверуваме дека за трансродовата заеднцва ова е единствен начин да започне да ги остварува и ужива своите најелементарни човекови права. На 31 март гласно ја испраќаме пораката ‘И мојот идентитет постои’ со што се обидуваме да ја зголемиме видливоста на трансродовите лица што е со клучно значење со цел да се обезбеди адекватно правно и социјални интегрирање на овие лица во едно демократско и цивилизирано општество за кое Република Северна Македонија барем декларативно се залага“, порача Поповиќ.

Рутата на Маршот заврши пред Собрание каде Поповиќ се заблагодари кон поддржувачите што присуствуваа на Маршот и порача од година в година гласот на трансродовите лица да е се погласен.

Ивана Смилевска/Ангела Бошкоска