Светската атлетика им забрани на трансродовите жени да се натпреваруваат во женска категорија

Светската атлетика им забрани на трансродовите жени да се натпреваруваат во женската категорија на меѓународни натпревари, пренесува „Би-Би-Си“.

Претседателот на раководната организација, Лорд Ко, изјави дека ниту едно трансродово лице што минало низ машки пубертет нема да му биде дозволено да се натпреварува во женски светски натпревари од 31 март годинава.

Сепак, како што соопштија оттаму, ќе се формира работна група која натаму ќе истражува за подобностите на трансродовите спортисти.

„Не велиме ‘не’ засекогаш“, рекол Ко.

Според претходните правила, Светската атлетика бараше од трансродовите спортисти да го намалат количеството на тестостерон во крвта до максимум 5 наномоли на литар и да го задржат ова ниво континуирано во период од 12 месеци пред да се натпреваруваат во женска категорија.

„Одлуките се секогаш тешки да се донесат кога вклучуваат спротивставени потреби и права меѓу различни групи, но ние ќе продолжиме со ставот дека мора да ја одржуваме правичноста за сите спортистки над сите други размислувања. За ова ќе се водиме по науката за физичките перформанси и предноста што ја имаат машките натпреварувачи што неизбежно ќе се развива во текот на следните години. Кога ќе има повеќе докази ќе ја разгледаме нашата позиција, но веруваме дека е најважно да се задржи интегритетот на женската категорија“, изјавил Ко.

Тој додал дека во моментов нема трансродови спортистки кои се натпреваруваат на меѓународни натпревари во овој спорт.

Советот на организацијата се согласил да формира работна група за 12 месеци за разгледување на прашањето за понатамошно вклучување на трансродовите лица. Групата ќе ја предводи независен претседавач, а во неа ќе бидат и тројца членови на Советот, двајца спортисти од Комисијата на атлетичари, трансродова спортистка и три претставници од федерациите, членки на Светската атлетика и од одделот за здравје и наука.

Оваа работна група, како што досега е познато постојано ќе биде во комуникација со трансродовите атлетичарки и ќе прегледува истражувања за потоа да даде препораки до Советот на организацијата.