[Галерија] „Уникатно искуство“ – започна тридневното кино со автомобили во Охрид

Додека ноќта паѓаше над Охрид, автомобили полека го исполнуваа паркингот „Горица 3“ кај плажата „Немо“. Причината за тоа беше летното кино со автомобили кое за прв пат се организира во Охрид.

На првиот ден од настанот во склоп на алтернативно културно-забавно лето кое е во организација на Културолошката иницијатива „5 до 12“, граѓаните ја проследија проекцијата на филмот „Малиот Гангстер“, откако претходно стрпливо чекаа и се „загреваа“ со сетот на младата ди-џејка „Jana Slay“.

„Вклучете четири трепкачи доколку сакате да бидете послужени“, се слушна некаде при крајот на нејзиниот настап. Ова всушност го наговестуваше и почеток на тридневниот филмски маратон.

Се исклучија светлата, а љубопитните погледи се насочија кон платното кое во позадина го криеше мирното Охридско Езеро.

Овој настан за младиот Дарко од Скопје, е прво вакво искуство.

„Дефинитивно ова е прв пат каде доаѓам на ваков настан и мислам дека треба почесто да се организираат вакви настани, затоа што едноставно е убаво, на отворено, некој американски стил на гледање на филм“, изјави тој за Радио МОФ.

Идејата за ваквиот настан, како што објаснува за Радио МОФ Јован Цветкоски, кој е еден од организаторите, тлеела и пред да настане целата ситуација со пандемијата, но, била тешка за организација, поради откажување на спонзори и несигурност со проектот.

„Знаевме дека ќе го правиме, знаевме дека ќе биде тешко. Не сакавме една вечер, сакавме три вечери за да биде поразлично од сите, да биде на некој начин маратон. Ги почитувам сите други градови што го прават тоа, очекуваме соработка, не треба како конкуренција да се гледаме. Супер е, нека се случува секаде низ Македонија. Инспирацијава е од американските филмови, Холивуд, 60-тите, 70-тите, на времето и во Скопје се има ова случувано“, рече Цветкоски.

Замислата пред целата корона-криза, била дека на просторот ќе биде организирана целодневна забава, по која ќе следи кино-проекција, па веднаш потоа и „афтерпарти“, но, како што вели, тоа морало да се скрати поради целата ситуација.

„Независно од целата ситуација, ние ќе го направевме летното кино, со тоа што сега имаме препораки луѓето да не излегуваат од автомобил, да се по двајца, тогаш ќе беше многу поинаку. Ќе можеше од автомобил да се излезе, ќе имавме поставено секаде и шанкови, ди-џеи, бендови, ќе го направевме поголемо. Многу е тешко за целата таа организација, ама, еве како што може да видите, мислам дека изгледа задоволително“, рече Цветкоски.

Ваков настан според него е многу тешко да се организира, поради како што вели, до последна секунда не се знае и дека може нешто да се случи.

„Има премногу техника, огромни платна, конструкции, сто луѓе кои работат во организација, волонтери… пијалоците дали стигнале, пуканките дали се навреме, автомобилите дали ќе се навреме. Треба преголем напор, ентузијазам, да не се откажуваш и нормално средства за да го покриеш сето ова, инаку ништо нема да може да се случи.“, вели тој.

Иако било потенцирано дека билетите ќе се продаваат онлајн, тој посочува дека сепак имало луѓе кои сакале да набават билет на врата, но, се надева дека тоа во иднина ќе се промени.

За наредните проекции, порачува заинтересираните да купат билети и да дојдат да ги проследат филмовите, затоа што, како што вели, е едно уникатно искуство што ќе се случува во Охрид овие денови.

„До наредната година можно е да не се случи, затоа што нас овие три денови ни се букирани, знаеме дека ќе го има. Има преубави филмови… ги чекаме, само да не чекаат 5 до 12, нека си купат со време карта, и гарантираме дека топ ќе си поминат сите“, порача Цветкоски.

Филмските сладокусци, веќе вечерва имаа можност да ја проследат втората проекција, односно македонскиот филм „Панкот не е мртов“, а ден потоа следува и филмот „Куќата што ја изгради Џек“.

Во рамки на овогидшното издание на алтернативното културно-забавно лето, меѓудругото, се организира и работилница за цртање и сликање, работилница за фотографија, како и концерт.

Тридневно кино со автомобили во Охрид организира Културолошката иницијатива „5 до 12“

Мартин Колоски