Тридневно кино со автомобили во Охрид организира Културолошката иницијатива „5 до 12“

Летно кино со автомобили во Охрид кое ќе започне на 14 август и ќе трае до 16 август, организираат од културолошката иницијатива „5 до 12“ во склоп на алтернативното културно-забавно лето. Проекциите на филмовите, како што најавуваат организаторите, ќе се одржат на паркингот Горица 3, кај плажата „Немо“.

Проекциите се закажани со почеток во 21 часот, а со цел да се избегне гужва, од организацијата најавуваат дека паркингот ќе биде отворен од 19 часот и 30 минути. За тоа време е организирано и „загревање“ со млади ди-џеи и изненадувања.

 

Првиот ден од настанот, односно во петок, закажана е проекцијата на филмот „Малиот Гангстер“. Во сабота ќе може да се проследи македонскиот филм „Панкот не е мртов“, а настанот ќе заврши со проекцијата во недела со филмот „Куќата што ја изгради Џек“.

Организаторите соопштуваат дека картите за една вечер изнесуваат 400 денари од автомобил по двајца и додаваат дека бројот на карти е ограничен. Тие можат да се набават онлајн на следниов линк, како и на сите продажни места на „Купи карти за се“.

„Влезот за возилата ќе биде од страната на хотелот ИНЕКС Олгица 2 (од кај кружниот тек) према паркингот Горица 3- НЕМО“, стои во нивното соопштение.

Од иницијативата порачуваат присутните да носат заштитна опрема и да ги следат инструкциите на редарите. Меѓудругото, посочуваат граѓаните доколку не е потребно да не излегуваат од автомобилите, а доколку сакаат да бидат услужени да приклучат четири трепкачи и да почекаат.

Тридневното кино преставува и најголемиот настан кој се организира во рамките на второто издание на алтернативното културно-забавно лето кое ќе трае се до 7 септември.

Меѓудругото, за овогодишното издание се организира и работилница за цртање и сликање, работилница за фотографија, како и концерт.

Почнува второто издание на алтернативното културно-забавно лето во Охрид