[Галерија] „Тука сме и без закон“ – Марш за видливост на трансродовите лица

Владата и од Собранието веднаш да го вратат Законот за правно признавање на родот и да го изгласаат, побараа трансродови лица, активисти и нивни поддржувачи кои денеска излегоа да маршираат од Влада кон Собранието.

„Правда и сигурност за сите“, гласеше една од пораките на маршот. Негови иницијатори беа граѓанската иницијатива ТрансФормА, по повод 31 Март – Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица.

фото: Радио МОФ

Лила Милиќ од ТрансФормА жали што оваа заедница е сè уште една од најмаргинализираните, најстигматизираните и најдискриминираните во државата. Во својот говор пред Владата потсети на пресудата од Стразбур во 2019 година и за случајот „Лицето Икс против Македонија“, со која трансродово лице по цела деценија успеа да си го смени полот во матичната книга.

Фото: Лила Милиќ/Радио МОФ

„Повторно со жалење мора да констатираме дека четири години подоцна не можеме да забележиме никаков напредок или било каков позитивен исчекор во оваа смисла. Првенствено Владата поднесе предлог-закон за правно признавање на родот до пратениците во Собранието, а мнозинството од нив предводени од архаични, дискриминаторски и трансфобични гледишта и ставови одбиваа да го поддржат, така што ниту еднаш не беше ни ставен на дневен ред за гласање, и покрај тоа што Законот е со европско знаменце. И конечно на крај и Владата не успеа да одолее на ваквиот трансфобичен притисок од Собранието и се одлучи да го повлече сопствениот предлог, со што дополнително ја втурна трансродовата заедница на маргините“, рече Милиќ.

Со маршот, активистите посочија дека и овие лица заслужуваат безбедност, рамноправност и почит кон нивниот идентитет како и сите други граѓани. Според Милиќ, државата е на дното во Европа, во смисла на држави кои немаат никаква регулатива за правно признавање на родот.

фото: Радио МОФ

фото: Радио МОФ

фото: Радио МОФ

„Иако декларативно државата се залага за унапредување на човековите права, во суштина и во пракса прави сè да не го признае најосновното човеково право на трансродовата заедница – правото на сопствен идентитет, со што оваа заедница не е во можност да остварува какви било права во државата и има сериозно ограничен пристап до институционални услуги“, рече Милиќ.

Маршот се одржа четврта година по ред, како дел од глобалната акција за солидарност со трансродовите лица. Првиот Меѓународен ден на видливост на трансродовите лица се одржа на 31 март 2009 година.

Мартин Колоски/Емилија Петреска