[Галерија] „Сиљан“ во режија на Тамара Котевска ќе има светска премиера во Венеција и Торонто

Англискиот дистрибутерски гигант „Dogwoof“ од Лондон ги откупи светските права за интернационална продажба на „Сиљан“ [The Tale of Silyan] – најновиот документарен филм на Тамара Котевска. Филмот за една недела ќе ја има својата светска премиера во Венеција, во селекцијата „Out of Competition“, а потоа и северноамериканска премиера во Торонто, каде е во официјалната натпреварувачка програма.

„’Dogwoof’ е компанија позната по современи документарци со Оскар и BAFTA номинации, а ова е нивна втора соработка со Котевска по успехот со ‘Медена земја’. Вклучувањето на ‘Dogwoof’ е силен индикатор дека ‘Сиљан’ веќе се гледа како сигурен кандидат за престижната номинација за Оскар“, се појаснува во соопштението.

Американската „UTA Independent Film Group“ ги обезбеди правата за Северна Америка, а на продукцискиот тим му се приклучи и „Concordia Studios“, чија продуцентка Casey Meurer вели: „Уште од првиот разговор со Тамара, ‘Concordia’ беше all-in. Тамара е ексепционален талент – нејзината храброст, уникатна визија и безрезервна предаденост на создавање филмски дела блескаат од секој кадар на ‘Сиљан’. Пресреќни сме што ‘Dogwoof’ ни се приклучи во тимот“.

Оригиналната музика за „Сиљан“ ја потпишуваат Joe Wilson Davies и Hun Oukpark, композитори од студиото на Hans Zimmer.

„Нивната музика, длабоко емотивна и суптилно слоена, создава звук што дише заедно со кадрите, поддржувајќи ја тивката болка, нежноста и визуелната поетика на ‘Сиљан’. Композициите не само што го надополнуваат наративот, туку стануваат посебен лик во филмот, невидлив, но длабоко присутен. Вклучувањето на композиторите од креативниот универзум на еден од најголемите филмски композитори во светот, преставува уште едно значајно признание за уметничкиот квалитет на филмот и за гласот на Котевска во светската документаристика“, се вели во соопштението.

„Сиљан“ е вистинска приказна со бајковиден пристап инспириран од македонски фолклор од 17 век. Филмот ја следи врската меѓу еден земјоделец – Никола, кој по земјоделската криза останува сам, и бел штрк со повредено крило што го наоѓа на депонија. Од тој момент започнува реална бајка, огледало за човечките судбини и насоката по која се движи општеството.

„Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто“, објаснува Котевска.

Филмот е копродукција на „Ciconia Film“, „Concordia Studios“, „The Cornershop“ и продуцентите Тамара Котевска, Jean Dakar, Јорданчо Петковски и Anna Hashmi. Монтажер е Мартин Иванов, студио за тонска обработка – „PROTA“, Колор корекција – „GHABHA Studios“, а консултанти за наратив: Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz.

„Чест е повторно да се соединиме со Тамара, која повторно му подари на светот кинематски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите ширум светот“, изјави Oli Harbottle од „Dogwoof“.