[Галерија] Средношколски марш во Куманово против образовните реформи

Со паролите „Стоп за лошите реформи во образованието“ и „Сакаме подобро образование“, стотина средношколци денеска маршираа низ улиците во Куманово. Дождот кој не престана да врне, не ги спречи средношколците да излезат и да го искажат својот револт против игнорантскиот однос на институциите кон нивните барања.

Според Средношколскиот пленум во Куманово, на маршот учествувале ученици од сите средни училишта. Со чадори во рака, средношколците се упатија од дворот на гимназијата „Гоце Делчев”, кон Градскиот плоштад каде се наоѓаат подрачните единици на Секторот за образование и наука.

„Поради временските услови, очекувавме излезеноста да биде далеку помала. Ние позитивно се изненадивме од посетеноста на маршот“, вели Никола Крстевски од Средношколскиот пленум во Куманово за Радио МОФ.

На прашањето дали се соочиле со одредени притисоци, Крстевски рече дека немале такви случаи во Куманово, за разлика од нивните соученици во Скопје, кои пред и по маршот алармираа на огромни притисоци од директорите и наставниците.

Вчера се одржа првиот марш на средношколците во новата учебна година, со кој ги потсеија надлежните дека остануваат на нивните барања, како укинувањето на екстерното тестирање, задржување на стариот концепт на полагање државна матура и вклучување на Средношколскиот пленум во работата на новиот концепт.

Засега, маршевите се единствен начин на кој го искажуваат нивниот револт кон надлежните органи, вели средношколецот Крстевски, но не ја исклучува опцијата повторно да се бојкотира наставата и да се постави камп пред Министерството за образование и наука, ако нивните барања не бидат прифатени.

Кумановските средношколци досега четири пати излегоа на марш против образовните реформи и им ја дадоа својата поддршка на скопските соученици за време на кампот поставен пред МОН.