[Галерија] Слободна паркинг-зона на кејот на Вардар

Некогашното атрактивно шеталиште покрај Вардар и летово е претворено во фрефентна сервисна улица. Истовремено Кејот „13 Ноември“ служи и како слободна паркинг-зона.

Активистот Петар Бошевски, кој ги направи фотографиите, нагласува дека делот кој се протега паралелно со ГТЦ е преполн со автомобили паркирани до и меѓу кафулињата. Како пристапна патека се користи делот на кејот кој оди покрај брегот на Вардар и не е окупиран со кафулиња.

„Од аспект на злоупотребата на кејот на ваков начин, нема никаква разлика меѓу тоа како било за време на претходната власт и како е сега. Со еден збор, тоа може да се дефинира како ‘село без кучиња’. За ова не можат да се прифатат оправдувања од типот ни треба време, ова бара нова инвестиција и слично бидејќи сè што треба е добра волја да се спроведе законот. Ако новава власт паѓа на вакви банални работи, нема место за оптимизам дека ќе успее да се справи со средување на работите во оние сфери кои се многу потешки за средување“, вели Бошевски.

Градот Скопје и општина Центар веќе неколку години водат мини војна околу надлежностите и потребата за реализација на т.н сервисна улица, а против нејзина изградба реагираа и локални угостители.

На почетокот на април, Макфакс објави дека некогашното шеталиште од „Холидеј Ин“ до плоштадот „Македонија“ може да биде следната „жртва“, следната урбана отстапка кон интересите на политичките и бизнис елити. Односно, напишаа дека власта преку уништување на ова парче сака да му овозможи на бизнис-соработникот Александар Ивановски да се стекне со милионска сума која треба да ја наплати од Телеком откако ќе биде отворена улицата.

Инаку, инвеститорот „Дивелоп груп“ имаше обврска да изгради подземна сообраќајница, тоа беше своевиден услов за изградба на новиот објект на Телеком, но во 2012 со промена на ДУП Мал Ринг, улицата стана надземна.

Потоа, поради градежните зафати за потребите на „Скопје 2014“ на кејот, по неа мораа истовремено да се движат и пешаци, луѓе на ролери, велосипедисти, а почнаа да минуваат и да се паркираат и мотори и автомобили. Сите на куп за постојан пешачко-сообраќаен хаос.


Б.Ш.
Фото: Петар Бошевски