[Галерија] Скопјани му оддадоа почит на Ѓорѓе Балашевиќ

Десетици граѓани вечерва пред Универзалната сала во Скопје му оддадоа последна почит на новосадскиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ кој почина вчера на 67 години.

Преку Фејсбук страница на Универзална сала во текот на денот беше објавен и настан насловен „Скопје за Балашевиќ“.

„Скопје тагува за големата легенда Ѓорѓе Балашевиќ кој зад себе остави бројни стихови кои засекогаш ќе останат во сеќавањата на многу генерации и ќе живеат вечно. Скопје за Балашевиќ, денес со старт во 19ч. пред неговата Универзалната сала, да се собереме и да оддадеме последна почит за нашата незаборавна легенда“, стои во Фејсбук настанот.

Инаку, низ повеќе градови на Балканот, како Загреб, Нови Сад, Сараево и други, неговите фанови вчера му оддадоа почит на Балашевиќ.

Балашевиќ пред неколку дена беше примен во Инфективната клиника во Нови Сад во лоша здравствена состојба, со пневмонија како последица на коронавирусот.

Тој ја започна неговата кариера во 1977 година како член на поп-рок бендот Жетва, а во 1980 година ја започнува соло кариерата. Има објавено 12 албуми. Ќе остане запаметен по неговиот препознатлив стил во кој ја мешаше музиката и хуморот на неговите концерти и настапи, но и по политичките пораки кои ги испраќаше преку неговите песни. Имаше напишано повеќе книги, а глумеше и во неколку телевизиски серии и филмови за кои ја имаше напишано и музиката.

Почина Ѓорѓе Балашевиќ, легендарниот кантавтор и „Панонски морнар“