[Галерија] Се шири студентскиот фронт, студентите не отстапуваат од барањата

Со извици и транспаренти „Автономија“, „Дојди и приклучи се“, „Индекс имам, права немам“, студентите денеска ја проширија Автономната зона освојувајќи ја зградата каде се сместени Машинскиот факултет (МФС) и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) каде веднаш поставија вреќи за спиење.

Студентска окупација на техничките факултети

Тие вечерва остануваат на факултетот и исто како студентите на Филозофски/Филолошки факултет, не се откажуваат додека не им бидат исполнети барањата.

Студентска окупација на техничките факултети

Студентите денеска влегуваа во предавалните и ги прекинуваа предавањата повикувајќи ги нивните колеги да им се приклучат, додека во холот на Универзитетот се поставуваа клупи и закачуваа платна на кои пишува „Солидарност“ и „Стоп за лошите реформи“.

Студентска окупација на техничките факултети

Студентска окупација на техничките факултети

„Изминативе 4 месеца, кога и да пружевме отпор бевме игнорирани, или етикетирани. Се сеќавате на насловите како „Студентскиот пленум не постои“? Се сеќавате на изјавата на премиерот „Не знам зошто протестираат, нивна работа, нека протестираат“? Се сеќавате на сите црвени крукчиња?“, ги запрашаа студентите своите колеги  пред да повикаат на окупација.

Тие сметаат дека новиот закон не треба да биде цел сама по себе, туку треба да ги отсликува реалните потреби во високото образование. Затоа, Студентскиот пленум бара ректоратот на УКИМ и Министерството за образование, како надлежно министерство, писмено да се обврзат на загарантирано учество на Студентски пленум во изработката на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи.

Студентска окупација на техничките факултети

Исто така, тие бараат да се формираат работни групи, во кои студенти од Студентскиот пленум, професори од Професорскиот пленум, членови на универзитетската администрација и претставници од соодветните ресорни министерства ќе бидат рамноправно застапени, но и временска рамка со која се дефинира динамиката на изработка на законот, односно рокови за изработка на прв и втор нацрт на законот.

„Ова денеска е поддршка и солидарност за студентите кои го ослободија Филозофски/Филолошки факултет со што го прошируваме студентскиот фронт на уште еден факултет и ги ослободивме Техничките факултети“,  изјави студентот Томислав Тодоровски од Студентски пленум.

Студентска окупација на техничките факултети

Во 16:30 е закажана проекција на филм за критичкото размислување, а од утре, студентите кои го окупираа факултетот ќе излезат со програма исполнета со работилници и разни активности.

Денешната окупација претставува продолжение на Автономната зона што студентите ја создадоа вчера на Филозофски/Филолошки факултет. Голем број на студенти вечерта ја поминаа во факултетската зграда во мирна и креативна атмосфера.