[Галерија] Од Влада кон Собрание – нов протест на „Протестирам“

Со скандирање „Нема правда, нема мир“, „Оставка“, стотици демонстранти од движењето „Протестирам“, и денеска излегоа на улица да побараат оставка од премиерот Никола Груевски и Владата.

Тие повторно се собраа во 6 часот попладне пред Владата, каде полицијата не им дозволи да се доближат до владиниот објект, по што се упатија кон Собранието.

Меѓу граѓаните присутни пред Собранието, присуствуваа и од Средношколски пленум. Според средношколката Александра Филипова, игнорантискиот однос на Министерството за образование и наука е една од причината поради која денеска официјално средношколците го прекинаа петнеделниот бојкот на наставата и кампот пред МОН, кој траеше две недели.

„Им благодариме многу на МОН за игнорантскиот однос. Им поднесовме барања, но не добивме ништо. Единствениот јазик кои тие го знаат е јазикот на заканувањата, стравот, притисоците кон средношколците, родителите. Единствено нешто добро што направија од МОН е што успеаа да не сплотат сите средношколци од цела Македонија. Ние не запираме тука и ќе продолжиме да се бориме за подобро образование“, рече Филипова.

Демонстрантите се одлучни во тоа да продолжат со протестите секој ден се додека не бидат исполнети нивните три барања – оставка и преземање одговорност на Владата, итно ослободување на притворените во протестите, како и формирање на Влада која ќе ја врати демократијата во институциите.

Скопскиот Основен суд денеска соопшти дека им одредил мерка притвор во траење од осум дена на уште тројца учесници во протестите на 5 мај. Со нив, вкупно 15 демонстранти сега се во притвор, еден е во куќен притвор, а едно лице е во бегство, додека вкупно 42 лица се приведени. Тие се товарат за кривичното дело „Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службено дејствие“.

Протестите започнаа откако опозицијата објави снимени телефонски разговори со кои ја обвини власта за прикривање на убиството на младиот Мартин Нешковски.

При крајот на протестот се разви дискусија меѓу присутните за следните активности на движењето „Протестирам“. Во продолжение, погледнете ја галеријата од денешниот протест.