[Галерија] Меркел, Ајнштајн, Фројд, Страмер и Кафка се „прошетаа“ низ Скопје

Ангела Меркел, Јосиф Сталин, Франц Кафка, Јован Павле II, Зигмунд Фројд, Алберт Ајнштајн, Џо Страмер, Надја Команечи, Јосип Броз Тито, Софија Лорен, Симон де Бовоар… се „прошетаа“ и станаа дел од Скопје преку перформансот/акцијата во јавен простор „Лицата на Европа“ на хрватскиот уметник Синиша Лабровиќ, во рамки на програмата на 15 АКТО фестивал за современа уметност.

Овие илустрирани ликови го видоа скопскиот плоштад, а и тој ги виде нив. Сталин залута по мостовите на „Скопје 2014“, Кафка и Меркел седнаа на кафе во „Пелистер“, додека Симон де Бовоар се качи на скирол и направи некој трик во воздухот. Истовремено, Ајнштајн печеше костени за минувачите во центарот, а Страмер симболично се сликаше пред културниот белег на Скопје – Универзалната сала.

Лабровиќ за својата акција веќе пиша дека е можност да се потсетиме на историските корени на европскиот идентитет од перспектива на создавањето на Европската унија.

„Една од главните причини за создавање на Европската унија е идејата за соработка меѓу европските нации со цел да се избегнат страшни настани како што се Првата и Втората светска војна во иднина“, ќе каже Лабровиќ за акцијата/перформансот.

Во неговата акција, граѓани добиваат можност да станат личности кои ги одбележаа европскиот политички, научен, културен, уметнички, градежен, економски, работен, спортски и друг живот во овие повеќе од 100 бурни години обележани со неверојатни достигнувања, но и страшни историски падови.

Животот што го живееме денес, во секој негов сегмент, посочува Лабровиќ, го живееме благодарение на нив, така што можеме да кажеме дека секој од нас симболично е дел од нив. Односно, со ставање маска со портрет на 22 историски фигури, во која било пригода од секојдневието, некако ги признаваме и стануваме свесни за историските корени на личниот идентитет.

„Но, ставајќи ги нивните портрети на нашите глави, не само што стануваме свесни за тој идентитет, туку потенцираме и потврдуваме дека ние самите сме креатори на историјата, дека сме креатори и на нашите сопствени и на животите на идните генерации. Покрај свеста за минатото, проектот е и потврда за нашата сегашност и свесност дека секој од нас е градител на иднината во секој чин, без разлика колку е банален / неважен и секојдневен. Иднината ја одредуваат не само ‘големите’, туку можеби дури и повеќе со живеење на секој наш момент, што се меша со стотици милиони туѓи моменти и на тој начин формира анонимен и моќен брод на сегашноста на своето патување кон иднината“, стои како инфо за перформансот кој првично беше реализиран во Хрватска.

Граѓаните можеа да ги облечат овие маски и, барем за краток момент, во еден ден да станат и Твиги, Роза Луксенбург, Марија Кири, Чичолина, Марина Абрамовиќ, Анонимна Европјанка, Анонимна Африканка. Или пак Фрањо Туѓман, Адолф Хитлер, Ле Корбузиер или Кристијано Роналдо.

Перформансот на АКТО е во соработка со студентите на отсекот Драмки актери од УКИМ Факултетот за драмски уметности – Скопје, во класата на проф. д-р Сузана Киранџиска и вон. проф. м-р. Кристина Леловац.

Учестуваат Дениз Ајдаревиќ, Бранко Атанасов, Нина Елзесер, Изабела Јакимова, Ангела Енџи Николоска, Јована Спасиќ, Сандра Танчева, Антонио Ташковски, Ема Давчева.

Проектот е куриран од Звонимир Добровиќ, во рамки на „Иднината на политичкиот перформанс” поддржан од програмата на Креативна Европа. Илустрациите се на Хелена Јанечиќ, а во првична продукција на ДОМИНО од Загрев.

Проектот 15 АКТО фестивал за современа уметност е поддржан од Министство за култура на РСМ.

Инаку, во склоп на АКТО, под мотото „Зборува АКТО“, беше реализиран и онлајн концерт на џез музичарот Шамба во дворот на култната Железничка зграда. АКТО претходно започна со изведба и на седум мурали во градовите Битола, Скопје, Гевгелија, Велес, Кочани, Прилеп, Кавадарци.

Понатаму, АКТО онлајн ретроспектива – златна колекција на АКТО мемории и иднини 2006-2020 вол.3, односно интервенциите во онлајн просторот со пораките и идеите кои АКТО ги емитувал изминативе 15 години. Исто така, „Зборува АКТО“ на WWW.RADIOBAR.MK – со дел од тимот, продуцентите, кураторите, диџеите, гостите, учесниците на фестивалот.

Бојан Шашевски