[Галерија] Изложба на „уметнички“ дела направени од негрижата на граѓаните

Инспирирани од иницијативите за поголема грижа за животната средина, група уметници од Македонија кои се нарекуваат „Единица за брзи артивистички акции“ реши да организира изложби на „уметнички“ дела чии автори се граѓаните ширум земјата.

Со сатиричен приказ на изјавата на Енди Ворхол: „Само затоа што луѓето го фрлаат и притоа немаат никаква корист од него, тоа не значи дека е ѓубре“ (“Just because people throw it out and don’t have any use for it, doesn’t mean it’s garbage.” Andy Warhol), Единицата за брзи артивистички акции организираше изложби на бројни локации низ земјата. Нивната надеж е дека низ сатиричното укажување како изгледа животната околина ќе придонесе кон освестување на граѓаните да не ја уништуваат и нагрдуваат природата и местата во кои живеат.

„Понесени од оваа визионерска изјава на таткото на поп-артот, Единицата за брзи артивистички  акции тргна во мисија да ги открие и заштити уметничките дела создадени од бројните уметници кои создаваат на територијата на Скопје и Македонија.

Во нашиот долготраен, исцрпувачки, но и возбудлив  процес на истражување, со особено задоволство сакаме да ѝ соопштиме на пошироката јавност  дека успеавме да лоцираме и заштитиме огромен број на уметнички дела во јавниот простор.

Сите дела се педантно документирани,  евидентирани и каталогизирани и ќе послужат за понатамошно унапредување на креативните и уметничките процеси во нашата држава“, велат уметниците.

Во продолжение, погледнете за каква „уметност“ станува збор:

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.