[Галерија] Исечениот дрворед јасени во Охрид

Дрворед со десетина јасени деновиве беше исечен на булеварот „Туристичка“ во Охрид, што предизвика силни реакции во јавноста. Сечењето на дрвјата следува откако пред неколку дена, Општина Охрид  објави дека започнале работни активности за реконструкција на тротоарот и велосипедските патеки на тој булевар, во потегот од крстосницата со ул. „Јане Сандански“ до крстостницата со ул. „Даме Груев“.

„Освен асфалтирање, поплочување и поставување на нови рабници, планирана е замена на стариот дрворед со нови соодветни садници. На местото на старите стебла ќе бидат засадени нови дрвја од видот Лириодендрон тулипифера“, стои во соопштението на општината.

Радио МОФ денеска беше на најпрометниот охридски булевар, каде се уште може да се забележат остатоци од исечените јасени.

Од иницијативата „Охрид СОС“ реагираа и за сечата на дрвјата и за садењето на садници неавтохтони за ова подрачје. Оттаму потсетуваат на нацрт-извештајот за стратегиска оценка на Локалниот еколошки акционен план за животна средина (ЛЕАП) за Општина Охрид, каде велат дека се споменува „користење автохтони видови при уредување на зелените површини“.

„Дека Општина Охрид постапува нетранспарентно, самоволно и без консултација со стручната и поширока јавност, покажува и последнава ‘реконструкција’ на булеварот ‘Туристичка’, каде покрај прередување на тротоарите, како да е нешто сосема обично, се протнува и сеча на цел дрворед на тој потег“, се вели во нивната Фејсбук објава.

„Охрид СОС“ реагира за сеча на дрворед на булеварот „Туристичка“

М.К.