[Галерија] Дивите депонии како национално културно наследство кое мора да се штити и негува

„Во изминатите 10 дена во рамките на акцијата за прогласување на депониите и ѓубриштата за автентично културно наследство посетивме над 200 депонии низ цела Македонија. Најубавите и најразвиените депонии кои се истакнуваа со својата диверзитетност и богатство, а едновремено и најдобро го упропастуваа пејзажот ги одблежавме со пригодни табли односно ги прогласивме за национално културно наследство кое мора да се заштитува и негува“.

Вака, група уметници го опишаа новиот проект, со кој алармираат за проблемот со дивите депонии во земјава. Со цел да предизвикаат реакција кај надлежните, тие поставуваат табли со натписи на кои стои дека се работи за споменици.

„Споменик на ѓубрето од прва категорија
Ѓубриште бр. 0236,
Категорија II – делумно загрозено
Одлука за заштита бр. 12-34-7689 на интервладиното тело за заштита на ѓубришта и депонии.
Депонијата е под заштита на законот како дел од движното а недвижно културно, историско и
општествено наследство на Македонија.

Според преданието депонијата ја подигна Петко од Трајкота од долно маало ко ја рушеше плевната и ја реновираше куќата, со срдечна помош на брат му Ѕоне, неговиот баџанак Диљо и нивните комшии и пријатели.

Според науката пак истата е во почетокот на 21-от век од страна не непознат неимар од околната населба а за нејзиното одржување и развивање се грижат граѓаните и селаните од околината како и надлежните инспекторати.

Депонијата/ѓубриштето е дел од 1176-те диви депонии во Македонија, подигнати од граѓаните на Република Македонија како дел од проектот: Македо-депонија – Диво ѓубриште за секое село и град!“, стои во текстовите на таблите.

Активистоте посочуваат дека на територијата на Македонија посетиле преку 300 диви депонии и скоро 6 пати повеќе односно над 1500 диви селски буништа и ѓубришта. Како најзагрозени и најбогати со депонии и ѓубришта ги посочуваат Полошкиот регион, а зад него се Скопскиот и Кумановскиот регион иако ниту еден регион не заостанува значително.

Интересен е факот дека најголемото ѓубриште е долго преку 30 км и се наоѓа по двата брега на течението на Вардар од Гостивар до Јегуновце каде практично куповите ѓубре, шут, стар мебел и отпад циклично се редат преку 30км, а најголемата раздалечина без ѓубре на овој терен е неполн километар.

Во рамките на оваа акција наменета за поддршка на иницијативите кои се борат за справување со ѓубрето и ѓубриштата со пригодни табли беа маркирани триесетина ѓубришта и депонии во Скопскиот, Полошкиот, Кичевско-Охридско-Струшкиот и други региони низ Македонија. Фотографиите со детални локации од над 50 диви депонии и ѓубришта кои беа опфатени во оваа акција ќе бидат испратени и до надлежните во министерството за екологија.

Акцијата е е дел од проектот Креативни заедници на Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.