Француските пратеници гласаа за забрана на користење на социјалните мрежи за лица под 15 години

Француските пратеници усвоија закон со кој ќе се забрани користењето на социјални мрежи за деца под 15 години, чекор што го поддржа претседателот Емануел Макрон како начин за заштита на децата од прекумерно време поминато пред екраните, пренесува „Гардијан“.

Предлогот беше усвоен со 130 гласа „за“ и 21 „против“, по долга ноќна седница од понеделник кон вторник.

Сега законот оди во Сенатот, горниот дом на францускиот парламент, пред да стане закон.

Макрон го поздрави гласањето како „голем чекор“ за заштита на француските деца и тинејџери, во објава на платформата „X“.

„Ова е значаен чекор. Сега е на Сенатот да ја продолжи оваа конструктивна работа. За оваа забрана да биде ефективна уште од почетокот на следната учебна година, побарав од Владата да ја активира забрзаната постапка. Затоа што мозокот на нашите деца не е на продажба. Ниту на американските платформи, ниту на кинеските мрежи“, напиша Макрон на „Х“.

Законодавството, кое исто така предвидува забрана на мобилни телефони во средните училишта, би ја направило Франција втората земја што презема ваков чекор, по забраната за лица под 16 години воведена во Австралија во декември.

Властите сакаат мерките да се применуваат од почетокот на учебната 2026 година за нови кориснички сметки.

Мета.мк