Фоторепортерите се „смирија“ со владините портпароли, медиумските здруженијата со осуда за инцидентот

Здружението на новинарите на Македонија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, но и Македонската асоцијација на медиумите (МАН) упатија осуди за вчерашниот инцидент во Клубот на пратеници кога неколку фоторепортери беа спречени да го сликаат пристигнувањето на претставниците и кон нив беа упатени непримерни зборови од владин советник. Претпладнево во Владата пак, фоторепортерите и снимателите беа викнати на брифинг каде се „смирија“ и сликаа со владините портпароли.

Фото: Фејсбук/Марјан Забрчанец, советник за односи со јавност во Влада на РМ

„Поведени од начелото дека треба да бидат обезбедени еднакви услови за сите претставници на медиумите без исклучок, како и заради безбедносни проценки направени од професионалните безбедносни служби, жалиме што не постоеше можност да се направат исклучоци од однапред утврдените и обезбедени услови за работа на сите медиумски екипи. Исто така, Владата изразува жалење за непријатната ситуација до која е дојдено при спроведување на безбедносните насоки и се заложува решенијата да се бараат низ дијалог и соработка“, стои во соопштението од Владата.

Од ЗНМ предупредуваат дека ваквите овие инциденти претставуваат директен напад врз слободата на медиумите и обид да се криминализира работата на медиумските работници, кои пред јавноста треба да се претставуваат како опасни луѓе.

„Потенцираме дека ако имало безбедносни причини за воведување на нова практика на следење на јавни настани тогаш полицијата навремено требало да ги извести фоторепортерите и снимателите за тоа и да обезбеди алтернативен начин на покривање на настаните со ваков безбедносен ризик без да се предизвика забуна и нервоза. Укажуваме дека обврска и на Владата е да обезбеди пристап на медиумските работници до сите настани од јавен интерес и да осигура услови за непречена работа без притисоци или закани“, стои во соопштението на ЗНМ.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги апелира дека треба да се најде соодветен начин, на медиумските работници да им се овозможи слободен пристап до сите настани што се од јавен интерес дури и во услови кога се воспоставени посебни безбедносни мерки.

„Зачувувањето на достоинството на новинарската професија е особено важно и од тие причини е неприфатливо арогантно и недолично однесување кон претставниците на медиумите. Медиумите имаат различен пристап во обликувањето на содржините коишто ѝ ги пласираат на јавноста, која пак, само преку разновидни информации може да изгради сопствен став. Од овие причини, Агенцијата потсетува на неопходноста од создавање услови за извршување на обврските на медиумските работници“ се наведува во соопштението на АВМУ.

Македонската асоцијација на медиуми- МАН го повика министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски да ја провери подготвеноста на полицајците кои го обезбедуваат Премиерот Зоран Заев, а Премиерот да ја провери подготвеноста на својот советник.

Претходно осуда за настанот упатија и Советот за етика во медиумите, како и Самостојниот синдикат за новинари и медиумски работници.

Фоторепортери спречени во работата на лидерската средба, од Владата велат дека било безбедносна проценка

Неколку фоторепортери вчера попладне се пожалија дека биле спречени да ги фотографираат лидерите на политичките партии додека пристигнувале на лидерската средба во Клубот на пратениците. Од страна на владиниот протокол им било кажано дека тоа е поради „безбедносни причини“, по што фоторепортерите во знак на протест ги ставија фотоапратите на земја. Дел од фоторепортерите опишуваат дека советникот за комуникации на Премиерот, Марјан Забрчанец на нивното незадоволство искоментирал: „11 години ве газеа и ќутевте, сега најдовте да зборите“.