Фоторепортери спречени во работата на лидерската средба, од Владата велат дека било безбедносна проценка

Неколку фоторепортери попладнево се пожалија дека биле спречени да ги фотографираат лидерите на политичките партии додека пристигнувале на лидерската средба во Клубот на пратениците.

Од страна на владиниот протокол им било кажано дека тоа е поради „безбедносни причини“, по што фоторепортерите во знак на протест ги ставија фотоапратите на земја.

Дел од фоторепортерите опишуваат дека советникот за комуникации на Премиерот, Марјан Забрчанец на нивното незадоволство искоментирал: „11 години ве газеа и ќутевте, сега најдовте да зборите“.

Осуда за настанот испратија и од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), кои преку соопштение ја осудија ароганцијата кон фоторепортерите и повикаа Владата итно да ја испита ситуацијата кога тројца фоторепортери биле оневозможени во вршење на својата професионална задача.

„Во изминативе години многу неправди, притисоци и злосторства врз медиуми и медиумски работници се извршени под максимата „согласно Уставот, законите и процедурите“ поради што најостро отфрламе секаков обид ароганцијата, затвореноста и третирањето на новинарската фела со потценување да бидат објаснети со безбедносни или каков било друг вид “проценки“. Воедно потсетуваме дека ние сме тие кои секогаш први ги чувствуваат сигналите на недемократските практики, но како што докажавме и досега, ниту во минатото ниту сега нема да молчиме“, соопштија од ССНМ.

За инцидентот на својот фејсбук профил се огласи и Забрчанец, кој напиша дека просторот пред Клубот на пратеници морал да биде чист поради безбедносна проценка.

„На сите претставници на медиумите им е овозможен пристап и за фотографирање и за снимање, сала за работа и сите неопходни услови. Повеќе од 20 сниматели и повеќе од 10 фотографи се внатре и непречено работат. На самиот влез, безбедносните служби проценија дека просторот кај влезот треба да се ослободи, но тројца фотографи одбија да се упатат во зградата каде што се сите останати претставници на медиумите. Реагираа бурно со напад дека “сме се изживувале”, на што јас одговорив дека станува збор за безбедносна проценка, а не за мој личен став и дека ние не се изжувуваме со новинарите како што тоа се случуваше во изминатите 11 години“, напиша Забрчанец, додавајќи дека разговарал со револтираните фоторепортери и се договориле дека ќе бараат решенија за подобри теренски локации при нивното вршење на работата.