[Фото] „Здраво млади 10“ – културно обединување под маски во Парк МКЦ  

„Без музика и култура нема живот! Ако им го одземеш тоа на луѓето – ќе станат роботи!“, рече еден познаник додека стоевме на синоќешното десетто издание на фестивалот „Здраво млади“, овој пат реализирано под посебни протоколи поради корона-кризата.

Покрај сите тековни проблеми, скратена и прекројувана музичка агенда, програмско пореметување, принудно одложување на настапи на „Виагра бојс“ и „Шопинг“, сепак тимот на МКЦ смогна сили и труд да го изведе јубилејното „Здраво млади“ во својот Парк.

Таму млади генерации луѓе, прогресивци и музички фанатици се забавуваа под маски. Под отворено небо. Лица во рефлектирачки елеци им мереа температура, дезинфицираа раце при влез и трк до тоалетот, знаци ги упатуваа да држат 2 метри дистанца, а снимена порака на разглас пред и по секој настап ги советуваше „да останат во круговите и да ги почитуваат мерките“. Пораката одеше на репертоар одново и одново. Репризно. На моментни тоа делуваше како некој СФ дистописки филм. Сепак, шоуто мора да продолжи, би рекол доајенот на спортското новинарство Златко Калински.

И, продолжи! Мораше да продолжи баш така, за да се зачува здрав разум и напредна мисла, притоа да се зачува и здравје. Со физичка дистанца, ама со социјална блискост. Паркот МКЦ беше преполовен со луѓе, ама полн со младешки електрицитет, желба за провод и дружење! Затоа што МКЦ се храни со луѓе, а луѓето се хранат со МКЦ. Заедно растат и живеат во културна симбиоза, без разлика на ситуацијата и предизвиците.

Ваквата симбиоза ја манифестираше и натписот „Слободна зона“ на Канал 103. Радиото наскоро одбележува 30-годишнина од постоењето. Некои ќе речат дека „Стотројка“ е постаро од државата. Други ќе речат дека „Стотројка“ е „зрак светлина во мрачните лавиринти на државната МРТВ“, своевидна паралела на она што културолошки го нуди МКЦ и „Здраво млади“ во поширок општествен контекст.

„Стотројкаши“ емитуваа програма во живо, директно од полјаната, сместени со опрема на масички.

Влезните врати беа отворени во 18:30 часот, додека по 19 часот на диџеј пултот се качи диџеј Фиц, пријател на МКЦ, пријател и на аудиториумот. Пушташе егзотична еклектична музика за играње. Од се’ по многу. Пригодно загревање на „бонус стејџот“ на „Здраво млади“.

Надоаѓачката публика можеше да ја разгледа поставената изложба на младиот македонски уметник Сали Ертунч – „25-ата слика – Неслушнатото, невиденото и незбореното“. Се работи за изложба на серија цртежи, слики, графики и неколку инсталации, стилски дефинирана како панк-арт брут.

За поставката, Ертунч потсети дека „Забранетата 25-та слика во кинематографијата е познат експеримент на Џејмс Викари“. Викари во доцните 50-ти објави дека може да ги натера посетителите во кино во Њу Џерси да пијат „Кола кола“ и јадат пуканки во толку кратки блицови, што, воопшто не биле свесни за тоа. Со неговиот „експеримент“ тој успеал, потсвесно, да вметне емоции кај филмските гледачи, а 25-ата слика најчесто била реклама за прехранбената индустрија.

„Денес, години подоцна од познатиот експеримент, секојдневно наидуваме на различни ситуации, кои ги толерираме/игнорираме, па оваа појава станува ‘новата нормала’ на современето општество. Дете што плаче, е смирено од родителот со помош на мобилниот уред – толерирано! Апатијата за политика кај младите – толерирано! Беспотребната форсирана возбуда за капиталистички цели aka. hype – толерирано! Тоа се нашите ‘25-та слика’ во реалниот живот со чија помош цивилизацијата се води во нов/стар, точен/погрешен правец, а еволуцијата продолжува“, ќе рече Ертунч.

Паркот под отворено небо околу 20:15-20:30 часот беше спремен за главната свирка.

Изненадувањето за вечерта, т.н „surprise act“ беше Љупа Ангелов алијас Лепи Џони, препознатлив лик во алтернативните кругови. На главниот стејџ се качи со гитара и своето куче. Свиреше 15-ина минути. Ја анимираше публиката, даде живот во првите редови што се формираа покрај обележаните кругови и оградата. Ја засвире култната „Ако ми дадеш“ на „Бадгмингтонс“, а чинам и „Ние сме од Скопје“ – издадена во 2007 од Мирко Попов и ПМГ Колектив, потоа и во хит-верзија од самиот бенд на Ангелов, „Д Џон“.

Музиката убаво и’ дојде на голем дел од публиката. Краток рокенрол старт. Од седечка позиција на трева – кревање на нозе.

На сцена покрај Ангелов, за да се обрати до публиката, дојде и Васко Атанасоски од „Бернејс Пропаганда“, уште еден лик од независната македонска сцена што има врежано белег во МКЦ со свои концерти и активности. Атанасоски при една прилика, лани ми рече дека МКЦ му е местото каде порасна и полека старее, и после Градски стадион му е вториот омилен јавен простор во Скопје. Затоа и неговата појава дојде сосема природно, појава што го дефинира поимот „ова е мојот дом и ова се моите луѓе“. Сега, еве, пак сите се вратија дома.

Следни на музичка агенда беа Данците „Ефтеркланг“. Инди-рок составот поради пандемијата ја откажа турнејата во Северна Америка и летните свирки, па се насочи кон творење на нов материјал во родната Данска. Дојдоа на „Здраво млади“ возбудени како „дете за Божиќ“. Не беа единствените. Како и за многумина во музичкиот свет, „т’нко“ беше со настапи за триото пријатели од детството и нивниот придружен инструментариум.

„Добровечер Скопје. Ова е нашиот втор настап ова лето“, се обрати вокалот Каспер Клаузен од „Ефтеркланг“.

Составот кој е формиран во 2000 година свиреше околу час и половина. Најдолго од сите останати. Емоционална и суптилна музика, а сепак во својата структура има и ситни експериментални делови.

Враќањето на групата седум години по последното студиско издание доjде по петтиот албум насловен „Altid Sammen“. Критиката го смета за најдобар досега. И самите ќе го речат истото. Конечен резултат од сите патувања, попатни експериментирања и симфониски оркестари, е најдобрата музика од „Ефтеркланг“. Претставија албум што значи продолжување на континуитетот, а не „повторно обединување“, без оглед на тоа што можеби го предложи „Последниот концерт“.

Секако, се вратија на бис. Публиката со аплауз и довикувања ги врати да ја отсвират „Black summer“, тема од албумот од 2012 – „Piramida“.

Публиката замина на освежување. Некои до шанк, други кај диџеј Фиц на ѕенѕање, трети на муабет со другарите, четврти да разгледаат на штандот на дечките од „Партизанска штапма“… Независниот колектив понуди маички, тазе врел фанзин, графики во сито печат…

Во просторот кај влезот на фестивалот имаше поставено симпатична мини макета со објекти на МКЦ и паркот, користена претходно и за промотивната анимација за „Здраво млади“.

Време пак за музика! Засвиреа домашните „Фанк Шуи“. Отворија со „Метеори“. Синглот што е најава за новиот албум беше споделен крајот на мај, а јуни веќе се искачи на топ листите, станувајќи воедно и песна на неделата на хрватскиот портал muzika.hr. Тоа им даде „буст“ на бендот, а сега даде и „буст“ на аудиториумот. Повторно сите на танцувачките позиции. Во круговите.

„Фанк Шуи“ премиерно настапија на „Здраво млади“. Можеше да се чуе дека младите генерации им ги знаат текстовите на памет. Пееја заедно со бендот. Цело време. Составот си има загарантирана фан база и за следни свирки.

Хајлајтот на вечерта беше психоделична сензација „Лалалар“. Турците слободно можат да бидат дел и од „Оффест“ програмата. Или од рокенрол фестивал. Сеедно. Ова е музика за играње, со звучни затишја пред еруптивни налети. Егзотична музика со приказни од Анадолија. Бучен, психоделичен звук со електронски ритмови и ретро-филмски бас линии. „Лалалар“ е прилично нов бенд, сега дојден на фестивал за нова музика. Пригодно.

Основана од тројца познати музичари од турската музичка сцена, почитувани и за нивната соло и колективна работа, „Лалалар“ беше најавен како едно од најчујните европски откритија во моментот. Публиката сфати зошто е тоа така! Енергија до небо. Потење на подиум! „Лалалар“ се средство за масовно уживање.

Пејачот скокаше на бина, нон-стоп се движеше, а се пушти и доле пред публика. Зборуваше на турски јазик, пееше, довикуваше и на англиски кон присутните. Им даваше стимул, им даваше и рокенрол енергија.

„Кафезите нека не ве ограничуваат. Бидете слободни!“, викаше вокалот.

Главната сцена ја затворија „ПМГ Колектив“. Односно – Попов, Ефтимов, Гавровски – сржта на „ПМГ Колектив“, трио што растеше и созреваше на сцената покрај сите различни фази и постави на составот, оставајќи зад себе 8 албуми и околу 30 изданија.

Првиот настап на триото е евидентирано на „Таксират“ вечерите во МКЦ во 2005 година. Сега, 15 години подоцна, повторно беа кај МКЦ и со МКЦ, на едночасовен концерт со теми како „Скопјанка“, „90ти“, „Ти си мојот свет“, „Култура“, „Контрол“… Премиерно одекна и нова верзија на „Ние сме од Скопје“, тема замислена како идеја и фрлена во креативниот хаос на македонската алтернативна сцена уште од 2007, идеја што го краси и влезот на МКЦ.

Публиката што остана до финишот се упати кај диџеј Фиц. Интергалактичкиот мега цар селектираше енергична шаренолика музика. 50-ина луѓе танцуваа докај 3 часот по полноќ. Раздвижено и насмеано. Сите заедно на подиум, артисти, гости, луѓе од организација. Креативна танцувачка заедница. Ослободување. Тоа е она што „движи“ напред и живурка одвнатре. И, тоа чувство обично трае цела недела, цел месец. Се прераскажува до некои од следните настани, сега редуцирани и под знак прашалник поради пандемијата.

Финишот покажа дека на Скопје и Македонија им е потребно МКЦ, а МКЦ преку „Здраво млади“ си бара прогресивна платформа за себереализирање и понуда за колективно чувство на младост. Секогаш. Одново и одново. (Ре)организација на желбата за размена, предизвик и заедништво. На крајот, градот не е град без МКЦ, симболот на динамичната позитивна страна на случувањата. Центар каде наместо младите само да примаат, туку и да креираат, да учествуваат во обликувањето на своето време и генерации.

До нареден пат… Ќе си читаме по дома импресии, ќе гледаме фотки и слушаме музика. Ќе се дружиме под маски и под протоколи.

До сите млади, среќно 10-то издание на „Здраво млади“. Останете млади!

Бојан Шашевски

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.