[Фото] Започна отстранувањето на шест платформи на плажи во Струга

Од утрово во Струга започна отстранување на шест платформи на плажи во Струга кои се изградени во водите на Охридското Езеро, откако сопствениците претходно добиле решение од општината за тие веднаш да се урнат. Акцијата, како што соопштија од Општина Струга се прави во дијалог меѓу општинските власти и бизнис заедницата.

Процесот на отстранување, покрај градоначалникот на Општина Струга, Рамис Мерко, денес го проследија првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири.

Градоначалникот и министрите во обиколка на акцијата

„Градоначалникот Мерко, им се заблагодари на сите граѓани, особено на сопствениците на овие бизниси за поддршката и соработката со локалната самоуправа и побара владата и советот на УНЕСКО да обезбедат план за развој на целиот град Струга, овозможувајќи им на граѓаните да не ја напуштаат Струга, туку да работат тука“, стои во соопштението на општината.

Оттаму, исто така додаваат дека струшките туристички работници уште еднаш докажале дека знаат да се солидаризираат со своите колеги од Охрид.

„Оваа акција нека ги запре гласините, нападите и шпекулациите дека Општина Струга го загрозува статусот на УНЕСКО за Охридското Езеро“, додаваат тие.

Изминатиот период пак, во Охрид, екипи на општината ги отстрануваа бесправно изградните објекти на плажата „Корали“, „Атлантик“ и други, а пред помалку од една недела започна и акција за отстранување на платформата на плажата „Куба Либре“.