[Фото] Студентите се „гужваат“ пред студентски прашања, исто како пред пандемијата

Уплатници, индекси, потписи, формулари за заверки… Студенти на дел од факултетите на УКИМ и во време на пандемија, со часови се „гужваат“ за да го запишат новиот семестар, за новата академска година. Студентот Стефан Петровски, преку фотографии долови како денеска изгледаше уписот на Филолошкиот факултет во Скопје.

„Не сфаќам како во вакви времиња, студентите си ги третирате без никаква почит и помош. Битно бирократијата на уплатници, индекси, потписи, и формулари за заверки се запазени, па ние ќе си чекаме ред цел ден. И тоа под ризик! Како што гледаме сите, не само што не се носат маски правилно, туку и дистанца не може да се воспостави. Ова укажува и на успехот кој комбинираниот или строго-физичкиот метод на настава ќе го има. Наједноставно е решението да се остават документите кои толку многу ги сакате, па да им се јавите на сите тие студенти кои имаат грешки во тоа што го доставиле. Но зошто да ни биде нам лесно или тешко кога за време КОВИД-19 може да направите да ни биде уште потешко,“ реагира Петровски.

Иако дел од наставата е префрлена онлајн, за запишувањето на семестарот на голем дел од факултетите на најголемиот македонски универзитет „Св. Кирил и Методија“ е неопходно физичко присуство. Исчекор од оваа пракса направи Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип. Во неодамнешното интервју за Радио МОФ, проректорот за настава Мишко Џидров истакна дека се први во државата со целосно онлајн запишување на студии.