[Интервју] Мишко Џидров од УГД Штип: Први сме во државата со целосно онлајн запишување на студии

Од 1 јули тече онлајн пријавувањето. Онлајн пријавување во кое кандидатите за студенти прават свој профил, внесуваат оценки, плаќаат електронски. Дававме период од 1 јули, па и додека тече втор и трет уписен рок, да доставуваат документи. Значи, само во еден момент доаѓаат (физички) кај нас. И тоа на пунктови што ги дефиниравме по сите градови. Понатаму, дури и запишувањето го организиравме целосно онлајн, мислам дека сме први во државата. Се’ се прави онлајн, сите уплати, а на крајот ќе дојде момент и индексот да биде готов и спремен, да ги чека на Студентски прашања. Живи и здрави кога ќе почнеме да функционираме – само да поминат и да си го подигнат. Целиот процес го осмисливме, па ниту ние да бидеме изложени на ризици, ниту нашите кандидати, вели проф. д-р Мишко Џидров, проректор за настава во Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип.

Мишко Џидров

УГД донесе одлука оваа академска година образованието да го реализира хибридно. Оттука, Џидров во интервју со Радио МОФ  нагласува дека опфаќаат онлајн настава, а сите вежби, практични активности, лабораториски – ќе се спроведуваат во нивните објекти, во зависност од студиската програма и големината на групите.

„Тоа значи дека секој факултет ги знае своите предмети, студиски програми, така да, кај некој има реална потреба да се одвиваат во предавални, а кај оние што нема – ќе бидат онлајн. Ќе се организираат помали групи, по сите протоколи. Ќе се користат најголемите предавални, по строго дефинирани временските периоди и распореди, па секој студент ќе знае кога да дојде за организираните вежби“, вели Џидров.

Полагањата ќе ги спроведуваат исто на хибриден начин, во зависност од студиската програма. Според Џидров, сето е возможно да се изведе, барем за вежбите и практичната работа во нивните објекти. Засега, не можат да ги користат Клиничкиот центар во Штип, судот, училиштата… Ќе почекаат како ќе се одвива пандемијата, па ќе знаат кога би се вратиле таму.

Објавивте дека „Мајкрософт го издвои УГД како пример за добар премин во онлајн учење – 100.000 часа аудио настава, 50.000 часа видео и 11.000 онлајн предавања. Што го направи УГД поразличен од другите универзитети, па да добие вакво признание?

Таа соработка со „Мајкрософт“ е од 2010 година. Студентите кога доаѓаат кај нас, првично се генерира број на индекс и е-адреса, со која ги користат сите подобности од „Мајкрософт“. Не само што можат да комуницираат со нашите професори, во секој момент, туку да споделуваат и свои материјали. Тоа е една од опциите што ги нудиме на студентите. Но, во секој случај, не е само соработката со „Мајкрософт“, туку имавме и дополнителни алатки, платформи што се развиваат веќе 13 години. „Е-учење“ е модел-платформа. Сите професорите ги имаат поставено своите курсеви, ги внесуваат материјалите за студентите.

Понатаму, „Е-библиотека“. Тоа значи, по правило, кај нас на УГД не се купуваат книгите. Професорите сите книги ги објавуваат електронски, за секој студент да си ги симне и да се спрема за испити. Преку „Е-индекс“ има запишување на факултет, пријавување испити, плаќање онлајн, се’ се прави таму, од почеток на студирање до дипломирање. Сето е во функција 13 години. Од година во година го подобруваме. Супер се вклопи со „Мајкрософт тимс“. Таа ни фалеше како алатка за директна комуникација, професорите се вклучуваат со видео-разговори со студентите, па, севкупно, добро се справивме со пандемијата, вонредната состојба и прекинот на образовниот процес. Успеавме да почнеме онлајн само по три денови откако беше прекината наставата.

Генерално, се доби впечаток дека пандемијата ги фати неспремни институциите и образовните установи. Сигурно нешто научивте во овој период, грешки од кои учевте за да се поправат состојбите?

Моравме да реагираме во многу краток период. Научивме дека за тимовите е потребно време и да бидат внесени сите податоци. Ги знаеме имињата на студентите и нивните е-мејл адреси. Во еден момент, имаше поголем напор да се формираат тимовите, но успеавме. За наредниот семестар се подготвуваме низ летото – да се реализира навремено. Да биде поавтоматизирано, бидејќи претходниот семестар го правевме „во од“, па увидовме дека одзема многу време.

Хибридниот распоред ќе биде комбинација, во текот на денот со онлајн активности, без ограничување со предавалните. Размислуваме на поголема флексибилност. Научивме да бидеме поспремни. Во некои моменти го оптеретувавме системот, бидејќи во 7 часот почнуваше предавањето, во 7 часот почнуваше и полицискиот час, кога сите седнуваа на интернет, па, едноставно, целиот интернет во градот се блокираше! Тие грешки ги видовме и ги знаеме. Се подготвуваме за подобар одговор за зимскиот семестар.

Какви се генералните желби на студентите, што бараат тие, каква настава? Ако не се лажам, имаше и некаква анкета? Тешко ли оди да им понудите хибридна програма, да се стимулираат, а да нема премногу разочарани при образовниот процес?

Искрено, како проректор за настава, поминав многу часови разговор со студентите, со нивните претставници, затоа што првите недели гледаа со сомнежи кон целата онлајн работа. Сфатија дека најголема грешка ќе биде ако го прекинеме образовниот процес и кажеме дека летото ќе спроведуваме колоквиуми, како што направија други универзитети. Но, решивме да продолжиме. Тие се платформите, знаат како функционираат и се употребуваат. Дадовме шанса, па за многу краток период увидоа дека може да функционираме онлајн. На крајот на семестарот, преку анкета скоро 70% од студентите се изјаснија позитивно за онлајн работата. Со тоа што, голем дел кажаа дека ако продолжи пандемијата, ако има проблеми и за наредниот семестар, би сакале да продолжиме онлајн.

Едно е студентите да имаат желба, но имаат ли технички можности и опрема за одвивање на онлајн предавања? И, колку државата и МОН помагаат за да се одвива далечинското учење и полагање, или сето тоа е оставено во рацете на Универзитетот?

Тука мора да го пофалам нашето Универзитетско студентско собрание (УСС). Тоа се организираше и направија нивна анкета, ние направивме своја на ниво на Универзитет, преку која увидовме дека околу 2% имаат потреба од побрз интернет или уред. Интересно е, дел што истакнаа вакви услови, кога ги исконтактираме за да им се понуди таблет или компјутер – не возвратија. Едноставно, проценивме дека можеби била првична несериозна реакција. Во секој случај, тие (УСС) се организираа, најдоа опрема и ја споделија со студентите. Верувам дека и за наредниот семестар ќе излеземе пресрет на секој што ќе се пријави, да добие уред.

Инаку, имаме и странски, турски студенти… Македонија има брз интернет по сите мали места, па супер функционираше комуникацијата, со одредени оптеретувања во периоди. Но, настанува проблем со турските студенти надвор од Истанбул и Анкара, бидејќи тие делови немаат доволно брз интернет во споредба со Македонија.

Што е пак со професорите? Досегашните пракси, од разни факултети и универзитети, покажаа дека некои професори имаат проблеми при предавањата, со интернет, опрема, ракување со е-алатките?

13 години користиме алатки. Пример, професорите се веќe навикнати на „Е-учење“, „Е-библиотека“ и „Е-индекс“. Но, кога го воведовме „Мајкрософт тимс“, постоеше потреба од обука која не можевме да ја спроведеме заради пандемијата, па беа споделувани видеа, преведено упатство на македонски јазик. Професорите добро се снајдоа, бидејќи користат други платформи. Од друга страна, голем дел од професорите преку „Е-учење“ организираат колоквиуми. Организиравме туторијали, чекор по чекор се објаснуваше секоја активност, за да може да направат онлајн колоквиум, да дефинираат поголем број на прашања, како автоматски да се генерираат резултати… Сето беше снимено преку кратки видеа кои професорите се уште можат да ги гледаат и користат.

Кажавте како функционира онлајн програмата, но можни ли се злоупотреби? Односно, како да се намали потенцијално мамење при е-полагањето, а студентите да добијат објективни оцени и знаења?

Студентите се студенти. Тоа мора да го кажам… И да се во предавална, и пред професорите – ќе пробаат нешто да направат, да се „снајдат“. Но, дадовме различни опции, затоа што секој предмет има различна потреба. Па, така, секој професор имаше слобода да го организира полагањето, контролата што сака да ја спроведе. Имавме решавање на лист хартија со свртени камери, решавање во е-системот, решавање на задачи на таблет… Најразлични методи, а секој професор процени кој е најдобар за него.

Ја споменав платформата „Е-учење“. Многу лесно можеше да се постават фонд на 100 прашања, „рандом“ да се даваат на студенти, па за краток временски период да немаат време да се послужат со материјал и го злоупотребат полагањето. Видовме дека некои пробуваат, но, во секој случај, имаме искуство. И студентите, и професорите на крајот од семестарот беа задоволни.

Малку да ве прашам и за студентските домови, бидејќи, засега, останаа затворени, а се важен дел од студентскиот живот. Колку е ова проблем за студентите – тие треба да полагаат испити, ќе треба и да следат настава?

Првичниот проблем е дека Штип нема голем студентски дом. Ни недостасува таков објект каде би се сместиле поголем број студенти. Постојат неколку помали. Од друга страна, како проблем се наметнува транспортот, како ќе се организира за тие студенти (што живеат подалеку)? За патувањето, бројките (за патници) беа помали за јавниот транспорт, па ги зголемија. Па.. колку е сигурен тој транспорт? Значи, ние се подготвуваме за хибриден начин, но треба да се вклучат повеќе фактори, за на крајот на семестарот сите да бидеме задоволни. Сепак, ќе оставам МОН, Министерство за здравство и Комисијата за заразни болести да ги кажат своите препораки, па, како државен универзитет – ќе ги следиме.

Бојан Шашевски