Во рамки на четвртиот број од рубриката ќе се осврнеме на еден важен документ, објавен во весникот „Нова Македонија“ непосредно по ослободувањето на Скопје, во 1944 год. Станува збор за службен проглас, издаден од страна на Командата на градот – воено и политичко управно тело, кое имало задача во првите денови по ослободувањето да ги воспостави новите правила и норми со цел непречено одвивање на јавниот живот, како и да спроведе важни процеси како што е воената мобилизација.

Архива на весникот ,,Нова Македонија”
Имено, иако Скопје било формално ослободено, Македонија и Југославија сè уште не биле во целост ослободени. Битките против фашистичките сили, кои се наоѓале во фаза на повлекување, продолжиле и понатаму, сè до нивното целосно протерување од Македонија. Токму затоа ваквите процеси биле неопходни во борбата за конечно ослободување. Овој архивски примерок е особено важен бидејќи дава слика за тешките услови, но и за стремежот и волјата со кои макотрпно се граделе темелите на македонската држава.
Воедно, уште еднаш се истакнува и важноста на весникот „Нова Македонија“, кој како единствено гласило на новата власт, играл клучна улога во комуникацијата и ширењето на новите информации до граѓаните во тој период.
*Радио МОФ ја реализира рубриката #Старо-Нова Македонија во чест на триесет и пет годишнината од независноста на државата, со цел преку архивски страници на првиот дневен весник ,,Нова Македонија” да дадеме увид во процесот на создавање и развој на македонската држава.
Исмет Шабановиќ



