[Фото] Скопје доби нов мурал

„Тамбурица“ е насловот на новиот мурал што деновиве беше насликан во Скопје.

Младинскиот културен центар неодамна го покани хрватскиот уличен уметник, Лонац, да изработи мурал во рамки на новиот парк што се подготвува зад Филхармонија. Лонац го прифати овој уметнички предизвик и по неговото кратко запознавање со Скопје, започна со работа на ѕидот на ДСУЦ „Илија Николовски Луј“.

При пристигнување во Скопје, случајно се запознал со Мартина Ѓорѓеска (девојчето на муралот) и нејзиното друштво, па така и сосема случајно стигнал до идеја за композицијата на муралот. Неколку фотографии од Мартина на точак со инструмент во рака биле главната инспирација за муралот насловен „Тамбурица“, кој сега го краси „музичкиот дел“ на Скопје.

Лонац е уметник чии извонредни дела може да се најдат секаде низ светот, а најдобрo е препознаен по неговите фотореалистични мурали. Неговите дела се огромни парчиња уметност, кои не можете да ги пропуштите. Создадени со спрејови и четки – обично се под влијание на скејтборд култура, стрипови, графити, филмови, музика, но, исто така, и сегашните социјални проблеми. Неговото последно дело со наслов „Изгубен билет“, реализирано во Белгија непосредно пред доаѓањето во Скопје, веднаш беше издвоено од специјализираниот портал за улична уметност Street Art Today, како еден од најдобрите седум мурали реализирани во месец април во светот.

„Тамбурица“ е дел од проектите на Младинскиот културен центар за поддршка на уличната уметност, како што се: „Градот убав“ – прва галерија на отворено за урбана и графити уметност во Скопје, муралите на фасадата на МКЦ на тема „Индоктринација“, изработени од повеќе домашни автори, новиот мурал на група ЗЕРО во МКЦ, како и бетонските постаменти што деновиве се поставуваат низ Скопје.

Покрај Лонац, МКЦ во изминатиот период ги реализираше и соработките со Veks Van Hillik од Франција, преку проектот „Петел и лисица“, поставен на ѕидот на зграда на бул. 11 Октомври, како и Farid Rueda од Мексико – мурал поставен на ѕидот на Природонаучниот музеј.

Од МКЦ најавуваат уште еден сличен проект набрзо.

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.