Жители на Иловица и Штука заедно со активисти веќе шести ден го блокираат патот што води до рудникот Иловица веднаш над браната.
„Охрабрени од вчерашните позитивни вести, но сепак и претпазливи со очекувањата со оглед на минатите случувања. ‘Еуромакс’ ги нема да направат контраблокада, веројатно во сабота не работат или не е предвиден буџет за прекувремено работење“, соопштија од „Здрава котлина“.
Како што најавија активистите и жителите, остануваат на барикадите до, како што велат, конечното одземање на концесијата на „Еуромакс“ со правно-формална одлука на Влада.
Со оглед на тоа што утре е недела, а се најавува убаво време, ги повикуваат сите граѓани да ги посетат со своите фамилии, да се дружат во природа и да се запознаат.
„Препорачуваме да дојдете од 8 часот, иако и порано ќе има луѓе и активисти на терен (за секој случај). Има доволно широка полјана, сенки, вода, место за паркинг… Доволно е да се наоружате со позитивна енергија и да имате желба да го почувствувате пулсот на планината во слобода.Ве очекуваме од секој крај на Македонија. Рудници нема да има!“, соопшти „Здрава котлина“.
Истовремено, најавуваат повеќе денови големо славје кога ќе биде одземена концесијата на „Еуромакс“, за што, велат активистите, граѓаните ќе бидат благовремено известени.
Инаку, премиерот Зоран Заев вчера пред новинари изјави дека овој или следниот вторник Владата ќе ја донесе конечната одлука за иднината на рудникот Иловица.
„Ако се биде завршено можно е овој вторник да се донесе одлуката, ако не следниот вторник зависи од правно формалниот аспект на процедурите низ помошните владини тела“, одговори Заев на новинарско прашање.
Одлуката треба да ја донесе Владата, рече Заев, но не сакаше да ја коментира самата одлука, затоа што, како што рече, ќе ја образложи со сите детали.
„Знаат и граѓаните и концесионерите, правно формалните можности не се исполнети“, рече премиерот Заев.
Фото: Здрава котлина