Фото-приказните на Стефан Жупан за другата страна на Охрид

„И ова е во Охрид“ е насловена фото-приказната низ која Стефан Жупан ги води своите пријатели на Фејсбук. Преку неа, идниот студент по архитектура, се обидува да ја прикаже другата страна на македонскиот туристички центар.

„Кога некој ќе каже Охрид, обично сѐ мисли на црквата „Св. Јован Канео“, Самоиловата тврдина и црквата „Св. Софија“, а има многу интересни објекти од дваесеттиот век што се градени во бруталистички стил, а се исто така значајни. Оттаму ми поттекнува идејата“, објаснува Жупан за Радио МОФ.

Вели дека со овој проект сака го претстави Охрид од еден друг агол. Моментално ги фотографира објектите од втората половина на 20 век, а неговата идеја е постепено да се враќа „назад“ во времето.

„Почнувам од градбите на Историскиот архив, Центарот за култура. Потоа сакам да ги претставам објектите од првата половина на 20. век, некои куќи што се градени во неокласична архитектура, кои се наоѓаат на самиот брег на езерото“, додава Жупан.

Потенцираше дека во Охрид има многу квалитетни архитектонски дела, во споредба со „картонските згради“ кои можат да се видат во Охрид.

„Другата цел на овој проект е да се покрене свеста дека и ова е уметност, и ова го разубавува градот“, се надоврзува младиот фотограф.

Досега ги има фотографирано позначајните објекти од 20 век, а сака да претстави и некои градби што не се комерцијални.

За проектот да биде целосен, за појаснување на своите фотографии тој ги користи информациите од интернет порталите за архитектура и од НУ „Завод и музеј“ Охрид.

Мартин Колоски

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.